Светската популација ќе достигне 8,8 милијарди до средината на 21. век, а потоа ќе почне да опаѓа – покажува најновата студија на тн. Римски клуб. Новата проекција, објавена денеска, ја изработи Свет за сите – група водечки еколошки научно-економски институции, меѓу кои и Потсдамскиот институт за истражување на климатските влијанија, Стокхолмскиот центар за отпорност и Норвешката бизнис-школа БИ.
Извештајот се заснова на нова методологија, која вклучува социјални и економски фактори што имаат докажано влијание врз наталитетот, како што се подигнувањето на нивото на образование, особено на жените, и зголемувањето на приходите.
Како што се наведува во студијата, новите прогнози се добра вест за глобалните состојби. Ова покажува дека одамна најавуваната популациона бомба можеби нема да експлодира, а врвот може да дојде и порано ако владите преземат прогресивни чекори за да ги подигнат просечните приходи и нивото на образование. Откако ќе се надмине демографската ерупција, притисокот врз природата и климата треба да почне да опаѓа, заедно со придружните општествени и политички тензии.
Авторите предупредуваат дека само падот на наталитетот нема да ги реши еколошките проблеми на планетата, кои и онака се сериозни на ниво од 7,8 милијарди жители и се предизвикани пред сѐ од прекумерната потрошувачка на богатото малцинство.
Намалувањето на бројот на населението може да создаде и нови проблеми, како што се намалување на работната сила и поголем притисок врз здравствената заштита поврзана со стареењето на општеството.
Еден од авторите на извештајот, Бен Калегари, рече дека наодите даваат повод за оптимизам, но не во поглед на заштитата на животната средина.
– Ова ни дава доказ да веруваме дека популационата бомба нема да експлодира, но сè уште се соочуваме со значителни предизвици од еколошки аспект – посочи тој.
Според Калегари, ни треба голем напор за да се справиме со сегашната прекумерна потрошувачка и хиперпродукција, кои се поголеми проблеми од бројноста на населението.
Претходните студии даваа помрачни прогнози. Минатата година, ОН проценија дека светското население ќе достигне 9,7 милијарди до средината на векот и дека неколку децении потоа ќе продолжи да расте.