More

    Нов почеток на изградбата на железничката линија кон Бугарија

    spot_img

    Неколку кредити земени од ЕБОР, неколку пресечени ленти за почеток на изградбата, многу застои и одлагања, средби на премиери и министри и потпишани неколку меморандуми со поместени рокови – така веќе 30 години се „гради“ железничката пруга кон Бугарија. Но, од 2014 година, кога почна да се гради пругата од Куманово до Бељаковце, изградени се само 54 отсто од оваа делница.

    За утре е закажан нов почеток на продолжувањето на градбата на пругата, со учество на премиерите на двете држави.

    Според она што го соопшти неодамна директорот на Железници инфраструктура, Хари Локвенец, изградбата на овој дел од пругата е доверена на компанијата „Штрабаг“, а на делот од Бељаковце до Крива Паланка на компанијата „Ѓуљермак“.

    Договорот со „Штрабаг“, која треба да изгради 31 километар железница од Куманово до Бељаковце, тежи 40,5 милиони евра. На овој дел ќе бидат изградени и три железнички станици во Ново Куманово, Шупли Камен и во Бељаковце, како и шест стојалишта во Лопате, Перо Ччичо, Проевце, Клечовце и во Довезанце. Рокот за изградба е 24 месеци.

    Договорот со „Ѓулермак“ вреди 155 милиони евра. „Ѓулермак“ треба да ја изгради втората делница од коридорот 8 од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри. Рокот за изградба е 36 месеци. На овој потег ќе бидат изградени две железнички станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта во вториот дел на пругата.

    Со „Штрабаг“ е потпишан и договор во вредност од 4,8 милиони евра за реконструкција на делот од пругата на коридорот 10 од Ногаевци до Неготино, во должина од 31 километри, со рок на градба од 6 месеци.

    Колку пари се потребни да се изградат сите пруги?

    Овие проекти се финансирани со кредит од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР), но во вториот лот се користат средства од инструментот на ЕУ – Инвестициски фонд за Западен Балкан (ВБИФ), во висина од 68,5 милиони евра.

    За третата делница на коридорот 8 од Крива Паланка до Деве Баир од ВБИФ е добиена потврда за доделување инвестициски грант во висина од 155 милиони евра.

    Заедно со претходно обезбедените 61 милион евра од ИПА 2 програмата, за третата делница е добиен грант во вкупна вредност од 216 милиони евра, за проектот чија проектна вредност е 405 милиони евра.

    За целосна изградба на пругите во земјава се потребни над 1 милијарда евра, од кои 350 милиони евра за источниот дел кон Бугарија и 550 милиони евра за западниот дел кон Албанија. Последните пресметки и потпишаните договори за источниот дел пораснаа на 590,5 милиони евра, а за делот кон Албанија ќе се знае износот кога ќе почне и градбата.

    Досега само за правиот и вториот дел од оваа траса се земени кредити од ЕБОР во износ од 271,4 милиони евра и грант од 68,6 милиони евра од истата банка, како и 5,7 милион евра грант од инвестициската рамка на Западен Балкан за поддршка на подготовката и реализацијата на проектот за делот од Бељаковце до Крива Паланка. Или, вкупно, државава имаше на располагање 345,7 милиони евра да го заврши делот на пругата од Куманово до Крива Паланка. Дополнително ќе бидат потребни уште најмалку 140 милиони евра.

    Плативме дури и казна поради договорен, а неповлечен заем од ЕБОР

    За изградбата на источниот дел на железничкиот коридор, Македонија зеде неколку кредити од Европската банка за обнова и развој, а потписи на договорите ставија повеќе министри.

    Зоран Ставревски, во 2012 година, кога официјално го најави големото железничко поврзување со Бугарија, рече дека ја затворил финансиската конструкција за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридорот 8 кон Бугарија. Тој потпиша кредит во износ од 46,4 милиони евра. Рокот на изградба на овој дел од пругата беше 2016 година.

    На крајот на 2014 година, истиот министер најави дека за 8 до 9 месеци ќе почне вториот дел од пругата од Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри, за што потпиша договор за кредит од 145 милиони евра.

    И Драган Тевдовски во 2018 година потпиша договор со ЕБОР за грант од 68,6 милиони евра, со кој се дополнија постојните заеми од ЕБРД за фаза 1 и фаза 2 од Проектот за рехабилитација и доизградба на железничката пруга од овој коридор. Со овој грант, беше соопштено, се кофинансира фаза 2, делницата помеѓу Бељаковце и Крива Паланка. За втората делница е обезбеден и грант во износ од 5,7 милион евра од инвестициската рамка на Западен Балкан за поддршка на подготовката и реализацијата на проектот.

    Лани на ЕБОР ѝ беа платени 6,5 милиони евра казна во камати и трошоци за нереализирани средства поради договорен, а неповлечен заем за изградба на пругата Бељаковце – Крива Паланка.

    Не мрднаа ни Груевски ни Заев

    Пругата кон Бугарија почна да се гради во 1993 година. Активностите беа прекинати по неколку години. Процените се дека тогаш во ветер отишле околу 100 милиони евра.

    Потоа владата на Никола Груевски ги продолжи активностите во 2014 година кога вети воз до Бељаковце до 2016 година, но ова и денес изгледа нереално.

    Битката со тие 30 километри пруга ја продолжи и Владата предводена од Зоран Заев. Во март 2019 година Заев на Твитер напиша дека завршени се 70 отсто од работите на пругата до Бељаковце. Помпезно се најави и завршување на целата активност на 31 декември 2019 година.

    Со колку „брзо“ темпо се движат работите покажува и лицитацијата за пуштање на целосната пруга и нејзиното одложување де во 2023, де во 2025, па се до 2027 година.

    Во изминатите години македонски бугарски и албански премиери и министри како и директорите на железничките компании неколку пати најавуваат дека коридорот ќе се гради, а возот од Скопје ќе стигне во Софија.

    Во 2014 година министрите за транспорт на земјава на Албанија и на Бугарија Миле Јанакиевски Едмонд Хаџинасто и Николина Ангелкова, соопштија дека ќе бараат пари од Европската комисија за доизградување на трансевропскиот коридор 8.

    – Очекуваме дека железничката врска меѓу Скопје и Софија да биде готова до 2022 година. Првата етапа од железничката линија од Куманово до Бељаковце веќе се гради, а вториот дел до Крива Паланка треба да почне догодина. Третата фаза, до Ѓуешево до 2017 година – тогаш изјави Јанакиевски.

    Директорот на Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани и неговиот бугарски колега Милчо Ламбрев во 2016 година рекоа дека железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија ќе се заврши најдоцна до 2020 година.

    Последно ветување – возот ќе забревта во 2027 година?

    Последни во редицата се директорите на „Македонски железници“, на бугарската „Железничка инфраструктура“ и на „Албански железници“, Хари Локвенец, Красимир Папукчиски и Ани Дирмиши кои рекоа дека со воз ќе се патува во 2027 година, а од Јадранско до Црно Море во 2030 година. Тие потпишаа трипартитен договор.

    И овде не се зборува само за изгубени пари во инвестиции кои потоа пропаднале поради негрижа, туку и загубени пари поради неизградената железница и за плаќање на поскап транспорт.

    ШТО Е ТОА КОРИДОР 8?

    Главната траса на коридорот 8 се протега од јужните италијански пристаништа Бари и Бриндизи, преку албанските пристаништа Драч и Валона, потоа води низ Тирана, Скопје, Софија и Пловдив, кон бугарските пристаништа  Бургас и Варна (Црно Море), поврзувајќи го на тој начин италијанскиот јадрански транспортен коридор, крајбрежната мрежа на автопатот на Јадранското Море и Средоземнатата транспортна зона со Паневропската транспортна зона на Црното Море.

    Вкупна должина на коридорот се проценува на  1.270 километри железница и 960 километри патишта.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img