Европската комисија го одобри барањето на Германија за доделување на 902 милиони евра државна поддршка на шведската компанија „Нортволт“ за изградба на фабрика за производство на батерии за електрични возила, како дел од напорите за поттик на транзицијата кон економија со нето нула ниво на емисии на штетни гасови.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, германската државна помош, која е во согласност со индустрискиот план од Европскиот зелен договор, е одобрена врз основа на мерките за поддршка на клучните сектори за забрзување на зелената транзиција и намалување на зависноста од фосилни горива.
Фабриката на „Нортволт“ ќе се наоѓа во градот Хајде во северната германска покраина Шлезвиг-Холштајн и годишно ќе произведува од 800.000 до 1 милион напредни и високоефикасни батерии за електрични возила со вкупен капацитет од 60 гигават часови. Предвидено е фабриката да започне со работа во 2026 година, а целосниот производствен капацитет да го достигне во 2029 година.
Според планот, од вкупната сума од помошта 700 милиони евра ќе бидат во форма на директен грант, а останатите 202 милиони евра ќе бидат наменети за гаранција.
Инаку, покрај во Хајде, шведската компанија ќе гради фабрика за батерии за електромобили и во САД, за што доби помош според американскиот Закон за намалување на инфлацијата.