Работната група на политичките партии за францускиот предлог не се договориле за нова средба, по вчерашната на која ниту еден од партиските претставници не отстапи од своите ставови.
Пратеникот Антонијо Милошоски, кој е претставник од ВМРО-ДПМНЕ за МИА потврди дека нема договор за нова средба и наведе дека за нив смисла за нова средба би имало кога Владата, односно државата би упатила аргументирани забелешки за францускиот предлог.
– Доколку ДУИ и СДСМ прифатат да упатиме сите заедно како Влада, Собрание и држава аргументирани забелешки за корекции на францускиот предлог, тогаш следна средба би имала смисла – изјави Милошоски за МИА.
Информации од СДСМ и од ДУИ во врска со продолжување на работата на работните групи засега нема.
Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.