Ниту еден градежен инженер не учествувал во проектирањето на реконструкцијата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, пишуваат српските медиуми. Проектот го правеле четворица архитекти, а главниот проектант бил „одговорен проектант на сообраќајни патишта“, тврди српска Нова повикувајќи се на документацијата на Транспортниот институт ЦИП.
Според анализата, прашање на денови било кога ќе се случи трагедијата во која при рушењето на влезната натстрешница загинаа 14 лица меѓу кои и деца.
– Не гледам ниту еден проектант на оваа листа со лиценца 310, што е лиценца за градежен инженер и тоа е проблем. Ако нешто направиле конструктивно, апсолутно е недозволиво да нема калкулации и тоа да е направено без градежен инженер. За жена која е потпишана како главен проектант, воопшто не сум сигурна дека може да го потпише ова со нејзината лиценца 315, која е одговорен проектант за патишта и железници – вели Андријана Миловановиќ, градежен инженер за објекти со децении со искуство на позиција водечки инженер.
Како што вели, нејзините колеги со години се сведоци на прилагодување на регулативата кон инвеститорите. Таа вели дека српскиот закон бил прилагоден за архитектите да прават пресметка за некои помали згради.
Српскиот министер за градежништво Горан Весиќ, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, ја отфрлаат одговорноста и фактот дека ако не на самата натстрешница, тогаш барем се работело околу неа. Тие цврсто тврдат дека „натстрешницата не е реконструирана“ и вината ја препишуваат на покојниот архитект Имре Фаркаш, кој ја проектирал станицата во 1964 година, која била изградена за само осум месеци.
„Според оригиналниот дизајн, натстрешницата над влезните врати на станицата имаше големи отвори, по целата ширина. Огромната настрешница над споменатите отвори во моментот кога се урна одеднаш и во едно парче имаше масивна челично-стаклена конструкција по целата должина, чија тежина се мери во тони, а беше поставена при реконструкцијата“, објави неделникот Радар.
Но, геолошкиот инженер Зоран Ѓајиќ, кој до март 2023 година работеше на реконструкција на зградата вели дека не само што на објектот се работело туку и дека биле игнорирани забелешките на стручните лица.
– Прво, тоа што го кажуваат надлежните власти не е точно. Се работеше на натстрешницата. Во првата фаза беше извршена поправка на керамиката која беше на таванскиот дел и беше направено само шминкање на таа натстрешница. Во втората фаза, при работата на фасадата на зградата и работите на реконструкција на камената обвивка, во март 2023 година испратив извештај до изведувачите и сите ги добија тие извештаи од министерството надолу, во кои јас побарав да се отстранат мермерните плочи од фасадата на објектот и да се провери каква основа има под тие мермерни плочи, да се санира темелот и да се стават нови мермерни плочи, што инаку беше предвидено во проектот – рече тој.
Според достапните информации, реконструкцијата ја изврши кинеска компанија, а според министерот Весиќ, во проектот се инвестирани 65 милиони евра. Реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад започна во октомври 2021 година, а станицата официјално беше отворена за прв пат во март 2022 година, среде изборната кампања.
Набргу по отворањето, станицата повторно беше затворена поради продолжување на работите, иако јавноста не беше информирана за точните работи, ниту пак зошто е прво отворена доколку не е завршена.
Од почетокот на реконструкцијата до денес станицата имаше неколку свечени отварања, а последното беше на 5 јули годинава во присуство на срспкиот државен врв предводен од министерот Весиќ.
Големата несреќа во која на 1 ноември 14 лица меѓу кои и деца ги загубија животите го обви Нови Сад со тага.