Наша обврска е да бараме алтернативни пазари за нашите земјоделски производи во услови на светска криза и војна. Преку МНР доставивме барање до нашите дипломатско-конзуларни претставништва, билатерално иницираме средби со сите амбасади и претставништва во Скопје и предвидени се посети во Турција и други земји се со една цел да бараме алтернативни пазари, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешната средба со раноградинари и откупувачи во Струмица.
Николовски оцени дека откупот во Струмица се одвива непрекинато и се следат состојбите, посебно со откупот на пролетната зелка и шпицот во откупот, а Владата е подготвена да интервенира дополнително преку програмите кои веќе ги има донесено или преку нови мерки и механизми.
Информираше дека извозот на земјоделски производи во Украина е 0,6 отсто, а во Русија 1 отсто.
– Ги следиме наназад сите години како се одвивал извозот. Ние тука треба да се фокусираме на зелката, на праската која што јуни, јули подоцна доаѓа, значи буквално во секој еден момент ги следиме систе состојби. Направивме директни контакти со „Фруктал“, со „Нектар“, преку разни претставници на амбасадите. Така што комуникацијата и контактите се интензивни и верувам дека ќе вродат со плод во секој еден сегмент и момент да имаме алтернативни решенија. Воспоставуваме, исто така, директни контатки и со Министерството за земјоделство и храна во Турција – потенцираше министерот Николовски.
Истакна дека Владата донела одлука за утврдување на штетите од невремето од 2016, 2017, 2018 и 2021 година во 35 општини и ќе бидат исплатени 10 отсто од вкупната штета.
– Овие постапки беа заглавени во законските процедури и административните лавиринти, а во Струмица ќе бидат исплатени 450 баратели на штети и тие ќе добијат околу 4 милиони денари, а вкупно за овие штети во 35 општини ќе бидат исплатени 4,2 милиони евра, средстав кои Владата ги обезбеди од буџетот,а дел ќе бидат обезбедени со ребаланс на буџетот во текот на годината. Земјоделците треба да знаат дека овие 9.000 барања во 35 општини кои имаат претрпено штети ова е дополнителна поддршка и ќе ја имаат оваа година – подвлече министерот Николовски.
Тој денеска имал средба и со тутунопроизводителите и откупувачите во Радовиш, а сретна и со претставници на преработувачката индустрија (МАП).
На средбата со раноградинарите и откупувачите во Струмица присуствуваа и директорите на Платежната агенција, Никица Бачовски и на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ и државниот советник во министерството, Трајан Димковски.
Најголем дел од Интервентниот фонд од 250 милиони евра Владата смета дека треба да биде насочен кон поддршка на производителите на пченица и јачмен за да ги фатиме роковите, за да се обезбеди прихрана и да имаме површини од коишто ќе имаме доволно пченица. Во тој дел околу два милиони евра се наменети за вештачки ѓубрива, знаејќи го растот на цените и трендовите коишто се во целиот свет, па и во регионот, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одговарајќи на новинарско прашање за помош на земјоделците околу зголемените цени на репроматеријаталите и горивата.
Оваа поддршка, како што рече Николовски е интервентна и итна и е за набавка на вештачко ѓубриво од 1 декември до 30 април за производители на пченица и јачмен.
– Преземавме обврска и веќе е усогласена методологијата за доделување на зелена нафта со актуелните цени на горивата, на нафтата. И во тој дел 13 проценти е зголемено само со ова усогласување износот којшто и градинарите ќе го добиваат по хектар во делот на зелена нафта. Мислам некаде околу 4.300 денари е по хектар. Меѓутоа, во Собрание се наоѓаат измени соодветни на Законот за земјоделство и рурален развој – истакна Николовски и притоа се заблагодари на сите политички чинители на што на вчерашната и пленарна седница и на вчерашната Комисија за земјоделство сите четири закони добиле поддршка од сите пратеници.
Најави дека ќе биде објавен јавен оглас за околу 7 илјади хектари површини земјоделско земјиште и тоа наскоро ќе биде ставено на располагање на земјоделците.