Се обидовме да дознаеме како и на кој нечин ќе се реализира судската пресуда, изречена во предметот „Талир 2“, со која се предвидува конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, ниту инволвираните во судскиот процес не знаат прецизно да објаснат како тоа ќе се конфискува зградата, во јавноста позната како „Бела палата“, а земјиштето на кое е изградена и натаму да остане во сопственост на партијата.
Во образложението на судот беше наведено дека земјиштето на кое подоцна е изградена зградата, не било предмет во постапката.
Ниту адвокатката Ружица Николовска, која ги застапува интересите на опозициската партија во судскиот процес, не можеше да ни објасни како точно би се одвивала конфискацијата, иако е добро запознаена со предметот.
– Во мојата адвокатска пракса досега немам сретнато слична пресуда. Не ми е јасно како тоа зградата може да биде во владение на држава, а земјиштето да е на партијата. Како тоа ќе функционира во иднина навистина не знам. Инаку во овој случај имаше многу нелогичности. ВМРО-ДПМНЕ не беше обвинета, партијата не беше дел од случајот, не ѝ беше дозволено да се брани, а на крајот излезе оштетена – вели Николовска.
Пресудата во посочениот предмет, предвидува затворска казна од шест години за поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и условна казна за некогашниот генерален секретар, Кирил Божиновски. Што се однесува до партијата, ќе се конфискуваат околу 30 објекти во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ.
– Зарем само две лица го стекнале целиот имот? Тука се утврдува одговорност на две лица, кои судот ги прогласил за виновни, ама не се прецизира во колкава мерка тие се заслужни за партискиот имот. Зошто тогаш не им биде конфискуван приватниот имот? Секако, треба да се додаде и уште една нелогичност, бидејќи судот во кривична постапка поништи граѓански договор склучен помеѓу партијата и инвеститорот, а се однесува на изградбата на главниот партиски штаб – изјави Николовска.
Затечен со пресудата е и нашиот извор во ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така не знае како во пракса би се извела конфискацијата на зградата, а партијата во исто време да остане сопственик на земјишната парцела.
– Ние добивме понуда од инвеститор, на парцелата која беше во наша сопственост, да се гради хотел. Зградата која потоа беше изградена е резултат на преговорите, што се водеа меѓу партиската комисија и инвеститорот. Ние не сме патиле за изградбата на зградата, ниту сме инвестирале, туку беше инвестирано на наш имот – вели нашиот извор.
Од партијата известија дека ќе биде обжалена пресудата, која според нив е почитички мотивирана и според политичките квалификации кои беа изречени од судскиот совет, велат, како да е пишувана во седиштето на СДСМ.
„Индикативно е како вчера само половина час по завршувањето на завршните зборови беше објавено дека веќе следниот ден ќе биде читана пресудата, што значи само едно, дека таа и била однапред напишана, а самото судење е фарса. Моментот кога се објавува оваа пресуда е одбран за да биде дефокус од енормните поскапувања, инфлацијата и грабежот кој се прави врз народот. И ова власта на СДСМ и на ДУИ го прави не затоа што се силни, туку затоа што се слаби. Интересно е во исто време да се испита како е добиено седиштето на СДСМ кое е поранешен објект на МОН, или новото седуште на ДУИ во Тетово чиј објект вреди 3 милиони евра – велат од ВМРО-ДПМНЕ.