Тендер во вредност од 46 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола е потпишан деновиве помеѓу Електростопанство на Македонија односно Електрани на Македонија, подружница РЕК Битола и омилената компанија на власта „Марковски компани“ на белорускиот почесен конзул, Борче Марковски рекордер во тендери во Македонија, рече потпретседателот на Александар Николоски на прес конференција.
– Зошто не е избрана најевтината понуда, а е прифатена понуда која што е за околу 30% повисока од најевтината понуда? Имено понудата која што е прифатена е во вредност од 129.7 денари по гига-џул, а имало и понуда која што била 100 денари по гига-џул. Како што јавноста може да види имало три понудувачи и не е избран најевтиниот понудувач, туку е избран поскапиот понудувач, па јавно прашувам каде одат овие 30% – праша Николовски.
Тој презентираше уште еден документ, од 28 декември лани, со кој Владата ѝ наложува на ЕЛЕМ во наредните 6 месеци да не ги реализираат тековните и предвидени набавки за ископ на јаглен и помошна механизација и за секоја набавка над 30 милиони денари да ја информира Владата пред да донесе одлука. И покрај тоа, рече Николоски, веќе во средината на февруари РЕК Битола потпишал договор од 46 милиони евра.
– Зошто шест директори во РЕК Битола прво се противеле, а потоа се согласиле да го потпишат овој тендер? Дали е тоа случајно? Или и тие се дел од добро разработена шема на крадење и ограбување на РЕК Битола и на ЕСМ – рече Николоски, набројувајќи ги нивните имиња, и додаде дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ „ќе го истражи овој случај до точка и запирка и сите до еден кои се вклучени во овој криминал ќе одговараат“.