Интензивирање на соработката и унапредување на политиките што се однесуваат на регионалното поврзување со посебен акцент на патното и железничкото поврзување се темите за кои денеска во Приштина разговараа министерот за транспорт Александар Николоски и неговиот косовски колега Либурн Алиу.
Средбата се одржа во рамки на заедничката седница меѓу владите на Македонија и Косово.
Николоски, соопшти Министерството за транспорт, истакна дека Македонија е влезена во силен инвестициски циклус во изградба на модерна патна и железничка мрежа, притоа потенцира дека не се отстапува од автопатско поврзување меѓу двете земји. На средбата исто така се отвори и темата за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај и изградба на заедничка железничка станица.
-Имаме добри билатерални односи со Косово и тоа се потврдува со денешната заедничка седница меѓу двете Влади. Косово е наш сосед, економски значаен партнер и мораме заеднички да работиме на регионалниот развој и соработка. Со министерот Алиу разговаравме за заеднички проекти како би го забрзале економскиот развој на регионот и ќе придонесеме за подобра комуникација, олеснување на транспортот и создавање на подобри услови за граѓаните и компаниите – рече Николоски.
На средбата која се одржа во рамки на заедничката седница на владите на Македонија и на Косово, се разговараше и подобрување на условите во патниот транспорт и превозот на патници.
Во разговорите учествуваше и заедно со заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шакири.