Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски смета дека кредитот на Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој за третиот дел од пругата од Коридорот 8 кој треба да нѐ поврзе со Бугарија треба да се пренамени за рехабилитација на постоечката пруга од Коридорот 10 за да се овозможи движење на возовите со 160 километри на час, односно да се направи брза пруга.
Тој најави дека ќе разговара за ова со кредиторите во следниот период.
Главна причина за ваквото мислење Николоски вели дека е високата цена на чинење на делот од пругата од Коридорот 8 од Крива Паланка од границата со Бугарија и тешката изведба на овој дел од пругата.
– Овој дел од пругата кој е долг 24 километри минува низ Крива Паланка каде што треба да се рушат 20 куќи и да се остават без дом 20 семејства. Пругата минува и низ планински дел кој нема да дозволи движење на воз побрзо од 60 километри на час што е проблем во услови на брзи пруги. Но уште позагрижувачко е тоа што на потег од 24 километри треба да се градат 22 тунели за 4 години. Ова е нереална работа за 4 години да се изградат 22 тунела. Ниту една компанија не се нафаќа да го изгради овој дел од пругата. Дополнително пругата завршува во тунел кај нас бидејќи не се знае дали Бугарија ќе се поврзе токму на тој тунел со нејзиниот дел од пругата и дали има намера да ја гради – вели Николоски.
Тој смета дека за изградба на оваа пруга се потребни 560 милиони евра од кои повеќе од 350 милиони се кредити, што ја прави пругата поскапа и од изградба на брза пруга.
– Во услови на сиромашна држава се поставува прашање дали треба да се трошат толку пари за да се гради нешто што можеби нема да функционира, што значи ќе бидат фрлени пари за ништо, бидејќи километар ќе чини 24 милиони евра, а брза пруга се гради со 10 до 12 милиони евра километар. Затоа ние бараме со кредиторите на третиот дел од пругата кон Бугарија – ЕИН и ЕБОР да седнеме и да договориме пренамена на кредитот за рехабилитација на пругата од Коридорот 10 и да изградиме брза пруга на која ќе може возовите да се движат со 120 километри на час. Целата инвестиција ќе чини 220 милиони евра – рече Николоски.
Во однос со доизградба на пругата од Коридорот 8 Николоски рече дека мора да се седне и со Бугарија и да се види дали е подготвена да го реализира нејзиниот дел.
Николоски има забелешка на изведбата на пругата во вториот дел до Крива Паланка каде што рече дека турската компанија има многу слаба реализација на градба, за разлика од онаа на првиот дел од пругата каде што интензивно се работи.
Пругата од Коридорот 8 во прва и втора фаза ја градат австриската компанија „Штрабаг“ и турската компанија „Ѓулермак“.
Првата делница која ја гради фирмата „Штрабаг“ е во должина од 31 километар, чини 40,5 милиони евра, а треба да се изградат и три железнички станици и 6 стојалишта. Втората делница во должина од 34 километри од пругата кон Софија ја гради фирмата „Ѓулермак“ и таа опфаќа изградба и на две железнички станици и три стојалишта и ќе чини 155 милиони евра.