Не се знае дали земјава ќе се соочи со проблеми во снабдувањето со гас по барањето од Русија од 1 април плаќањето да се врши во рубљи. Од владата тврдат дека до 15 април снабдувањето е обезбедено и се надеваат дека и во наредниот период набавката ќе оди непречено бидејќи се врши преку приватни компании кои имаат потпишано договори со „Газпром“. Увозниците на гас засега не откриваат дали имаат проблеми со набавката и плаќањето на овој енергенс.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека нема да има проблем да се обезбеди овој енергенс, но не кажа како ќе се реализира плаќањето.
– Снабдувањето кај нас е генерално до крајот на грејната сезона до 15 април, а приватни договори кај нас имаат „Макпетрол“ и ТЕ-ТО, кои имаат лиценцирани фирми – рече Бектеши.
Тој додаде дека државава се потпира на алтернативните извори на снабдување со овој енергенс кои ќе ги користи Бугарија.
– Ние ќе ја почитуваме секоја одлука што ќе ја донесе ЕУ. Убеден сум дека ќе најдеме нови алтернативи како што е интерконекторот со Грција, терминалот Александрополус, како и нов интерконектор со Бугарија. Ако се донесе таква одлука, ќе се снабдуваме од Бугарија со сите алтернативни ресурси кои ќе ги преземе таа земја – рече Бектеши.
Од компанијата БЕГ која ги снабдува најголемиот дел од скопјани со парно за Плусинфо изјавија дека немаат проблеми во испораката на гас.
– БЕГ производство има договор за набавка на природен гас со домашниот снабдувач со природен гас компанијата „Макпетрол Промгас“ и истиот во целост се почитува – рекоа од компанијата.
Компаниите увознички на гас, сè уште не се изјаснуваат дали ќе имаат проблеми со набавките и плаќањето на гасот.
Информација за тоа дали има проблеми во плаќањето на набавениот гас не добивме ниту од Регулаторната комисија за енергетика.
Плусинфо праша и во Народната банка дали веќе е испорачана уредбата на рускиот претседател за плаќањето во рубљи и дали има проблеми околу постапката, но не добивме одговор. Претходно од банката ни рекоа дека се следи состојбата.
– Народна банка со внимание ги следи состојбите на меѓународните пазари на валути и ги разгледува можностите во случај на евентуална потреба од тргување со оваа валута – додаваат од НБ.
Оттаму информираа и дека причина зошто за руската валута на курсната листа нема износ, се повикаа на Европската централна банка која нема референтна цена за оваа валута.
– Од 2 март, кога Европската централна банка соопшти дека не е во позиција да го објавува референтниот девизен курс на руската рубља во однос на еврото поради тековно недоволниот обем на тргување и во согласност со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите, Народната банка информираше дека среден курс на денарот во однос на руската рубља е последно објавен на курсната листа со важност од 2 март, 2022 година – велат од НБ.
Русија не се откажува од плаќањето во рубљи, но како што денеска изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, земјата нема од денеска да ја укине испораката на гас кон Европа бидејќи плаќањето за гасот кој е испорачан по 1 април, стигнува во втората половина на месецот и во мај.
Тој меѓутоа, потврди дека уредбата стриктно ќе се применува.
Руската енергетска компанија „Газпром“ навела дека почнале да ги известуваат клиентите за новите руски правила. Посочуваат дека ќе останат одговорен партнер и ќе обезбедат резерви од гас.
Регулаторната комисија за енергетика има издадено 15 лиценци за трговија со природен гас, 2 лиценци за снабдување со природен гас, како и една лиценца за снабдување со природен гас во краен случај.
Најголем увозник на природен гас е ТЕ-ТО, со учество од близу 80 отсто, додека „Макпетрол“ Скопје учествува со 20 отсто.
Годишно земјава троши по околу 300 милиони кубни метри гас. Преносниот гасоводен систем е проектиран за физички капацитет од 800 милиони кубни метри природен гас годишно.