More

    Никој не води сметка дали е исплатен К-15 во помалите фирми

    spot_img

    Нема точна бројка колку од работниците во земјава лани го добиле регресот за годишен одмор, а колку од нив не го добиле или добиле само незначителен износ, помал од законскиот минимум. Точни податоци има само за големите компании чии работници имаат синдикални организации.

    Според гранковите синдикати кои ги контактираше Плусинфо, 11 големи компании од текстилната индустрија, 35 компании од индустријата, енергетиката и рударството и 22 компании од градежништвото, исплатиле регрес за годишен одмор според законот.

    – 90 отсто од работниците во големите текстилни компании добија регрес за годишен одмор според законот, а 10 отсто од компаниите, или 3 компании, исплатија понизок регрес, од 8.000 до 11.000 денари поради тоа што исполнија законски услови за помал регрес и со знаење на синдикалните организации – вели претседателот на синдикатот на текстилната и кожарската индустрија Љупчо Радевски.

    Неколку компании од чевларската индустрија од Куманово, во кои нема синдикално членство, исто така во текот на годината доставиле информација дека не се во состојба да исплатат регрес за годишен одмор.

    Радевски вели дека проблем се компаниите од текстилниот сектор во индустриските зони, каде што газдите не прифаќаат синдикално организирање.

    – За овој дел од компаниите, и оние компании надвор од зоните кои немаат синдикални организации, немаме никакви информации за исплатата на регресот или за остварување на другите права на работниците. Повремено кај нас доаѓаат поплаки од работници за кршење на нивните права – вели Радевски.

    Слична е состојбата и во градежништвото, каде што само 22 компании имаат синдикални организации, а за останатите работниците само се жалат во синдикатот за градежништво дека не добиле регрес за годишен одмор.

    – За разлика од минатите години годинава нема ниту доцнење ниту неисплаќање на регресот за годишен одмор во градежните компании. Проблем засега има во компанијата „Бетон“, каде што е поведена претстечајна постапка. По прогласувањето на стечај очекуваме работниците да ги добијат и платите и регресот за годишен одмор – вели претседателот на Синдикатот за градежништво Иван Пешевски.

    Компаниите од индустријата, енергетиката и рударството лани го исплатиле регресот за годишен одмор на сите работници.

    – Во 35 компании од овие сектори е исплатен законскиот износ на К-15, а во дел од нив се исплатени и повисоки износи за 60 отсто. Некои од компаниите исплатија и цела плата како регрес за годишен одмор. Да потсетам дека ФЕНИ и „Макстил“, иако не работеа во одделен период од годината, им го исплатија регресот на работниците – вели Игор Герасов, претседател на СИЕР.

    Во јавниот сектор само работниците во управата и правосудните органи и некои јавни претпријатија добија К-15 во износ од 9.000 денари, како што е договорено во Колективниот договор.

    – К-15 од 9.000 денари, според колективниот договор, добија работниците во овој дел од јавниот сектор. За овие работници беше исплатен и заостанатиот регрес за годишен одмор за 2020 година како резултат на голем број тужби кои беа поднесени против работодавачите – вели Трпе Деаноски од УПОЗ.

    Колективен договор во јавниот сектор во кој е утврден и износот за регрес за годишен одмор има потпишано само за установите на државата и јавни институции. Останатите немаат колективни договори па се лишени и од добивање на регрес за годишен одмор.

    – Општ колективен договор за јавниот сектор во кој би се утврдиле сите права на работниците од овој сектор и К-15, не е потпишан, а не е на повидок и негово потпишување, затоа ние како гранков синдикат во образованието науката и културата веќе инициравме разговори за потпишување на колективен договор. Работниците во образование не добиваат К-15 што е едно од правата на сите работници во државата – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

    Побаравме сумарни резултати од Сојузот на синдикатите и невладината организација Гласен Текстилец, но до сега не добивме никаков одговор на нашите прашања. Од ССМ, претходно информираа дека до јуни лани имале 4.404 пријави од работници за неисплатен регрес за годишен одмор.

    И трудовиот инспекторат не одговори на нашите прашања, иако сакавме да дознаеме колку казни изрекол овој инспекторат и на што има поплаки од работниците.

    Според Законот за работни односи за неисплатен К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите кои бараат работниците да им ги вратат парите исплатени како К-15, предвидена е и затворска казна од 3 месеци до една година.

    За приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавец. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето-плата по работник во државата исплатена во последните три месеци. Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавец може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со Општиот колективен договор за стопанството. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img