Околу 1.100 луѓе се убиени во Израел и Газа од почетокот на големиот координиран напад на членовите на палестинската екстремистичка група Хамас во саботата наутро.
Потоа следеа израелски воздушни напади врз стотици цели во Газа, а и ракетните напади на југот на Израел траат веќе трет ден.
Повеќе од 700 луѓе се убиени во Израел откако Хамас ги изврши нападите, вклучително и 260 луѓе на музички фестивал во јужен Израел.
Двајца високи членови на израелската војска ги споредија саботните напади од Газа со нападите на врз САД на 11 септември 2001 година.
– Ова е нашиот 11 септември. Тие не погодија – изјави израелскиот мајор Нир Динар.
Потполковникот Џонатан Конрикус, исто така, ги спореди нападите на Хамас со големиот напад во САД.
– Ова може да биде 11 септември и Перл Харбор споен во едно. Ова е убедливо најлошиот ден во израелската историја. Никогаш досега не биле убиени толку Израелци од непријателските активности во еден ден – истакна Конрикус.
Во текот на оружената инвазија што е во тек, Хамас киднапирал десетици Израелци, меѓу кои има и страи лица и деца, соопшти портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ).
– Секој би помислил дека кога ќе се судрат два ентитета, тие ќе се фокусираат на војниците, но тоа не беше случај. Хамас киднапираше баби, деца, семејства… киднапираа десетици луѓе и ги одведоа во Газа – рече потполковникот Ричард Хехт за Би-Би-Си.
Во однос на мерките што се преземаат за да се обезбеди нивното ослободување, полковникот Хехт рече дека тој не е вклучен во преговорите и дека ИДФ е фокусирана на обезбедување на границите каде што, според него, сè уште има точки на пробивање и на евакуација на луѓето од пограничните области кај Појасот Газа.
Висок функционер на Хамас потврди дека групата држи повеќе од 100 луѓе во заробеништво по нападот врз Израел. Меѓу затворениците кои борците на Хамас ги одведоа во Газа има жени, деца и постари лица, но и официјални лица.
– Високи израелски офицери се меѓу заробените – рече Муса Абу Марзук.
Како одмазда на Израел, досега во Газа загинаа најмалку 400 луѓе. Во Газа, 123.000 Палестинци се раселени поради воздушни напади, а речиси 74.000 нашле засолниште во училиштата, соопштија Обединетите нации.
Ова се најголемите судири меѓу Израел и палестинските екстремисти во последните децении.