Под влијание на ладен атмосферски фронт од север, кој ќе се судри со топлиот воздух од југ кој се наоѓа над Македонија, во следните часови, како и вечерва, во најголем дел од државава времето ќе биде многу нестабилно и со честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветaр, објави Метеоаларм.
На повеќе места повторно ќе има појава на силно невреме проследено со обилен пороен дожд за кратко време и истиот би можел да предизвика локални поројни поплавувања, силен ветар (над 70 км/час) силни и чести електрични празнења и со појава на град кој би можел да биде и крупен.
И во Скопскиот регион во следните часови и вечерва ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветар. Во делови од котлината ќе има и појава на ново посилно невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветар, силни и чести електрични празнења и со појава на град кој би можел да биде и крупен.
Во случај на појава на силно невреме, граѓаните треба да бидат крајно внимателни, односно во случај на појава на силни и на чести електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветар и на крупен град, автомобилите да се заштитат.
Што се однесува до температурите, тие денеска ќе се искачуваат во интервалот од 28 до 36 степени Целзиусови, а во Скопје до околу 35 степени Целзиусови.
Температурите во попладневните и во вечерните часови ќе започнат да опаѓаат.
Инаку, силен дожд утринава почна во Белград, само неколку часа откако Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде итно предупредување. Во главниот град имаше колапс, а некои делови од градот беа поплавени, објави српски Мондо.
Најлошата снимка од дождот дојде од Раковица каде, како што велат жителите, поради дождот се создал „водопад“. Како што може да се види на видео, објавено Инстаграм, огромно количество вода „паѓа“ по каскадите околу зградите. Водата, која потсетува на водопад, се излева врз паркираните автомобили и по скалите.
Некои најдоа простор да се пошегуваат, па сцената во Раковица ја нарекоа „Нијагарините водопади“. Поплавата се случи и во други делови на Белград. Во некои делови од градот имаше сообраќаен колапс.