Стриминг сервисот Нетфликс откри кога ќе пристигне последната сезона од нивната популарна серија „Круната“. Финалето на серијата е поделено на два дела, а првиот дел од шестата и последна сезона ќе излезе на 16 ноември. Вториот дел ќе излезе на 14 декември.
Нетфликс објави нов тизер во кој Имелда Стаунтон, која ја игра кралицата Елизабета Втора, шета низ Бакингемската палата додека одекнуваат нејзините зборови.
„Круната е симбол на постојаност. Тоа е нешто што си, а не нешто што го правиш. Еден дел од нашата природна личност е секогаш изгубен. Сите се жртвувавме. Тоа не е избор, тоа е должност. Но, што е со животот што го оставив зад себе? Жената што ја оставив настрана?“, се слуша на тизерот.
Шестата сезона на популарната серија ќе го опфаќа периодот помеѓу 1997 и 2005 година. Првиот дел повеќе ќе се фокусира на врската помеѓу принцезата Дијана, која ја игра Елизабет Дебицки, и Доди Фаед, кој го игра Калид Абдала, пред фаталната сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година. Нетфликс нагласи дека нема да ја прикаже таа несреќа.
Вториот дел ќе се занимава со принцот Вилијам, кој го игра Ед Меквеј, кој се враќа на колеџот Етон по смртта на мајка му, потоа златниот јубилеј на кралицата Елизабета, бракот на кралот Чарлс III. и Камил и раните фази на љубовната врска на Вилијам и Кејт Мидлтон, која ја игра Мег Белами.