Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека убиството на лидерот на Хамас Јахја Синвар го означи „почетокот на крајот“ на војната во Газа, но дека „задачата се уште не е завршена“. „Јахја Синвар е мртов… Ова не значи крај на војната во Газа, туку почеток на крајот“, рече Нетанјаху во видео пораката на англиски јазик емитувана вечерва.
Тој рече дека убиството на лидерот на Хамас е „важен чекор“ во борбата против движењето.
„Задачата пред нас се уште не е завршена“, додаде Нетанјаху.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Херзи Халеви, потврди дека војната „нема да запре“ додека не бидат заробени сите извршители на нападот во Израел на 7 октомври 2023 година и не се вратат „сите заложници“ од Газа.
Израелските медиуми вчера објавија дека лидерот на палестинскиот Хамас Јахја Синвар бил убиен во воздушен напад.
Се вели дека 61-годишниот Синвар поминал голем дел од времето криејќи се во мрежа од тунели под Газа, заедно со телохранителите и „човечкиот штит“ на заложниците, наведува Би-би-си.
Либанската милитантна група Хезболах денеска објави дека започнува нова, ескалирачка фаза во борбата против Израел по убиството на Јахја Синвар, чија смрт, како што рече Иран, „ќе го зајакне духот на отпорот“, пренесува Ројтерс.
Нетанјаху изјави и дека „војната може да заврши утре“ доколку „Хамас го остави оружјето“ и ги врати заложниците.
Семејствата на заложниците го сметаа убиството на Синвар за значајно достигнување, но истакнаа дека ништо не е готово додека нивните најблиски се уште се во Газа.
Во меѓувреме, израелската армија објави дека во воздушен напад во јужен Либан, убила уште еден командант на Хезболах, Мохамед Хусеин Рамал, кој е одговорен за планирање и спроведување терористички активности против Израел, пишува Тајмс оф Израел.
Израелските сили исто така лоцираа и уништија неколку ракетни фрлачи подготвени за лансирање кон северот на Израел.
Според палестински медицински извори, во продолжението на израелските воздушни напади во четвртокот вечерта и рано утринава загинале неколку цивили, претежно деца, а многумина се повредени на различни локации во Појасот Газа.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека телата на децата биле пронајдени откако ракета погодила куќа северозападно од Газа, додека две лица загинале во одделен инцидент во област југоисточно од градот.