Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телевизиското обраќање до јавноста најави дека војската се подготува за копнена инвазија и истакна дека сите милитанти на Хамас се „осудени на смрт“.
– Израелската армија се подготвува за копнена инвазија чија цел е да ги уништи воените капацитети на Хамас. Воениот кабинет работи дење и ноќе и ќе продолжи се додека не постигне победа – изјави Нетанјаху.
Тој рече дека нема да даде никакви детали за копнената инвазија, за да неги загрози животите на израелските војници. Сепак, посочи дека времето на почетокот на операцијата на израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе биде едногласно одредено од воениот кабинет на Израел.
– Веќе убивме илјадници терористи и ова е само почеток. Нема да елаборирам кога, како и колку. Нема да елаборирам за различните пресметки што ги правиме, за кои јавноста главно не знае, како што и треба да биде – рече израелскиот премиер.
Нетанјаху вели дека Израел ќе се „преиспита“ и ќе открие што се случило за време на нападот на Хамас на 7 октомври.
– Настаните од тој ден ќе бидат „целосно истражени“ и „сите ќе треба да дадат одговори“ – истакна израелскиот премиер.
Тој ги повика Израелците ниту за момент да не ги заборават убиените во нападите на Хамас и рече дека властите им помагаат на граѓаните „контролирано да набават лично оружје“.
– Мојата улога е да ја водам оваа земја и нејзиниот народ до целосна победа над нашите непријатели. Ќе се бориме заедно и ќе победиме заедно – рече Нетанјаху.