Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави видео во кое зборува за загубата на израелски војници за време на борбата на израелската армија против Хамас во Газа. Во вчерашниот ден загинаа 10 војници, пишува Тајмс Оф Израел.
– Ние сме во тешка војна. Ова ќе биде долга војна. Имаме многу важни достигнувања, но и болни загуби. Знаеме дека секој од нашите војници е цел свет. Целата нација на Израел ве гушка, семејства, од дно на нашите срца. Сите сме со вас во вашата тешка тага. Нашите војници паднаа во најправедната војна, војната за нашиот дом. Му ветувам на народот на Израел: Ќе ја завршиме работата – ќе продолжиме додека не победиме – рече Нетанјаху.
Тој вчера разговарал со кипарскиот претседател, британскиот и со австралискиот премиер. За разговорите со разни лидери од светот неговиот кабинет на Икс соопшти:
„Премиерот рече дека војната на Израел против Хамас/ИСИС е и војна на целиот просветлен свет“.
Израел влезе во војна со девизни резерви од околу 200 милијарди долари. Мобилизацијата на 360.000 резервисти и евакуацијата на 250.000 Израелци од нивните домови, според бројките дадени од израелската војска, уништија многу работни места. Десетици илјади работни места се заторени, а шекелот, локалната валута, падна на најниското ниво во последните 14 години.