Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху жестоко ги отфрли обвинувањата дека му дозволил на Катар да ја финансира и зајакне милитантната група Хамас, а со цел да ги подели Палестинците во ривалски политички табори, пишува бриселски Политико.
– Голема лага е дека сакав да го основам Хамас. Смешно – рече Нетанјаху во интервју за Аксел Спрингер, матична компанија на Политико.
А потоа ја објасни изјавата:
– Не одите во војна три пати со Хамас ниту пак правите големи воени операции ако сте сакале да го створите Хамас.
Противниците на Нетанјаху во Израел коментирааат дека неговата влада со години активно го зајакнува Хамас во Газа дозволувајќи му на Катар да канализира стотици милиони долари до крајбрежната енклава во ризичната игра „раздели-и-владеј“. Оваа политика, според наводите, требало да ги „изигра“ исламистичките милитанти од Хамас против палестинските власти на Западниот Брег.
Поранешниот премиер на Израле, Ехуд Олмерт, тврди дека Нетанјаху направил договор со Катар за префрлање на милиони долари.
– Во последните 15 години, Израел направи се за да ја намали палестинската власт и да го зајакне Хамас. Газа беше на работ на колапс бидејќи немаа ресурси, немаа пари, а ПА одби да му даде пари на Хамас. Биби ги спаси. Биби направи договор со Катар и тие почнаа да префрлаат милиони и милиони долари во Газа – изјавил Олмерт за Политико.
Но интересно е што и самиот Нетанајаху во 2019 година на конференцијата на партијата Ликуд рече:
– Секој што сака да го спречи формирањето на палестинска држава треба да го поддржи зајакнувањето на Хамас.
Сепак, Нетанјаху во вторникот ги отфрли овие обвиненија, тврдејќи дека дозволил катарските пари да се слеваат во Газа за да избегне хуманитарна катастрофа, а не за да ја зајакне тамошната администрација.
– Сакавме да избегнеме цивилен хуманитарен колапс – болести, неконтролиран глад и други работи што би создале невозможна хуманитарна ситуација. Затоа последователните израелски влади дозволија овие пари да влезат, а не за да го зајакнат Хамас. Воопшто не сакавме да го засилиме Хамас. Сакавме да го ослабиме и да ги деградираме неговите способности колку што можеме – изјави тој.
Израел и Хамас се на петтиот ден од кревкото примирје – кое досега овозможи ослободување на 69 од 240 заложници преземена од милитантната група за време на нејзиниот напад на 7 октомври. Но, сега сите очи се свртени кон „денот потоа“ и кон тоа што ќе значи крајот на примирјето за Израел и Газа.
Нетанјаху рече дека Израел ќе ја задржи својата страна на примирјето се додека Хамас го одржува, но тој истакна дека Хамас сепак ќе мора да биде уништен по завршувањето на примирјето.
– Не правете грешка: ќе продолжиме со нашите воени напори за искоренување на Хамас, бидејќи Хамас многу јасно вели дека ќе го повторува дивјаштвото одново и одново и одново – рече тој.
И откако Израел ќе го победи Хамас, рече тој, целта ќе биде двојна: демилитаризација и дерадикализирање на Газа.
– Нашата цел е да се погрижиме Газа да не се врати на вид на ужасна закана што беше за Израел пред војната – рече Нетанјаху.
Во едно интервју за германски Билд на 13 ноември Нетанјаху ја предупреди Европа дека доколку Хамас не падне континентот ќе биде следната цел на групата.
– Тоа ќе влијае на секој поединец – не само на Блискиот Исток, туку и пошироко – затоа што, ако Израел е во опасност, ако Блискиот Исток падне, Европа е следната. Тоа е како ИСИС. Знаете, луѓето мислеа дека тоа е локална работа. тоа не беше. Тоа беше глобална работа. И тоа ги погоди Американците. Ги обезглави Американците.