More

    Несоработката на Софија е поважна од интересите на НАТО

    spot_img

    Владата не се откажува од изградба на последниот дел од пругата кон Бугарија Крива Паланка-Деве Баир, но бара ново решение кое би било финансиски поповолно и полесно за изведба. Притоа очекува заедно со бугарската страна да договори поврзувањето меѓу двете земји да биде готово во исто време за да не заврши нашата пруга на „нива или во тунел“.

    Бугарската страна засега одбегнува средби со македонските претставници.

    Европскиот партнер во проектот, пак, смета дека сегашното решение на овој дел од пругата кон Бугарија е добро и изводливо, а ако се подготвува ново земјава ќе го изгуби грантот што го дава ЕУ и ќе треба да конкурираме за нови кредити. И експерти не гледаат проблем во решението кое има релативно висока цена бидејќи теренот е тежок за реализација.

    Последниот крак од пругата кон Бугарија е запрен на изборот на изведувач на работите, откако владата ги повлече членовите во комисијата за евалуација на понудите.

    Тендерот пропадна, нема да се објави нов, владата бара друго решение за проектот

    Владата образложи дека проектот е скап и дека е потребно да се ревидира вредноста, а фирмите кои се јавија на тендерот не даваат сигурност дека успешно ќе го завршат проектот во договорениот рок. На тендерот се јавија 6 турски и една грчка фирма.

    Став на владата и на новиот министер за транспорт е дека нема да се распише нов тендер сè додека не се ревидира цената на проектот и не се постигне договор со бугарската страна за целосно поврзување на земјава со Црното Море.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николоски, и покрај политичките проблеми со источниот сосед, очекува разумен дијалог со бугарската страна, бидејќи смета дека најповолна опција за железничкиот коридор 8 е двете земји заеднички да настапат пред потенцијални изведувачи, со заеднички проекти.

    – Мора да најдеме заедничко решение кое е изводливо и да имаме воз Скопје-Софија кон Црно Море. Очекувам во разумен, фер разговор да кажат дали таа траса е најдобра за нив или имаат подобра и да најдеме решение. Треба да направиме и ревизија на проценетата вредност, сметам дека се напумпани и нереални цените, да одиме со пореални цени. Земјава нема извори на нафта, ниту извезува дијаманти за да троши толку пари за толку малку километри. Тендерот го подготвува ЕУ и силно ќе инсистирам да пишува дека компанијата која ќе учествува може да е од земја членка на Унијата или од земја кандидат или да е компанија која има изградено најмалку определен број километри пруга во земји од ЕУ за да добиеме квалитетна компанија. Се работи за голем проект и не може несериозни компании да го работат – изјави вчера Николоски.

    Тој е јасен дека земјава нема да бара пари за изградба на големи инфраструктурни објекти од Кина или од Саудиска Арабија, туку главно од Европската Унија.

    Третата делница кон Бугарија е проценета на 560 милиони евра (23,3 милиони евра за километар пруга) за што е обезбедена и финансиска конструкција. ЕУ учествува со околу 210 милиони евра грантови – 150 милиони преку инвестициската рамка за Западен Балкан и 60 милиони преку ИПА. Земјава се задолжи и со два кредита кај ЕБОР и ЕИБ од по 175 милиони евра.

    На проблематизирањето на изградбата на овој дел од пругата од страна на владата, деновиве свој став даде и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Оттаму за „360 степени“ изјавија дека постоечкиот проект за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија (Крива Паланка-Деве Баир) е најрационалното можно решение и дека ништо не е ненадминливо со денешната технологија. Документацијата била последен пат ажурирана во 2013 година, при што е направена проценка од финансиерите и е потврдена одржливоста токму на оваа траса. Притоа е заклучено дека „која било промена нема да биде пропорционална во однос на ресурсите кои треба да се вложуваат“.

    Кредиторите не гледаат неизводлив проект

    Делегацијата на ЕУ смета и дека евентуалното репроектирање на трасата не би имало смисла и оти тоа би значело промена во трошоците.

    – Ако Владата реши да не го користи сегашниот проект, тогаш под ризик е финансиската помош – особено значајните 150 милиони евра грант од ЕУ кои се доделуваат преку инвестициската рамка за Западен Балкан, што е најголем грант кој е одвоен за земјата. Тука се и грантовите од националната програма ИПА 2 (60,7 милиони евра) – рекоа оттаму.

    Европската инвестициска банка која ја кредитира делницата за истиот медиум изјави дека проектот за оваа делница е дизајниран од меѓународни консултанти за да се постигне најрентабилното техничко решение кое е во согласност со барањата на ЕУ за интероперабилност.

    – Поради тешкиот терен, 75% од делницата е низ тунели или мостови. Поголемиот дел од делницата има значителна косина од 20-25 промили во насока на искачувањето кон границата (затоа дел од пругата е во форма на потковица, за да се ублажи косината) … Ништо невообичаено на глобално ниво кога е во прашање ваков терен. За да има поголеми брзини, ќе треба да се предвиди поголема делница за ублажување на косините и/или повеќе структури (тунели и мостови), што ќе ги зголеми трошоците – изјавија од Европската инвестициска банка.

    Експертите велат дека проектот може да се реализира

    Професорот од Градежниот факултет во Скопје Зоран Канкуровски вели дека теренот во кој треба да се гради последната фаза од пругата кон Бугарија е таков што бара потешка изведба, но не станува збор дека не може да се изведе.

    – Косината кај железницата треба да биде математички точно утврдена за да нема непотребни ризици при движењето на возовите. Актуелното решение ги задоволува барањата, со оглед дека теренот е многу компликуван за изведување на железница. Тоа е направено, а дали има и други можности, секако дека има, но тоа би значело изработка на целосно нов проект со нови цени. Иако компликувано ова решение кое веќе е подготвено може да се изведе бидејќи технологијата веќе го овозможува тоа – вели тој.

    Во однос на изведувачите на работите Канкуровски се согласува дека треба да се избере фирма која има долгогодишно искуство за изградба на пруги и смета дека европските фирми се добри во тоа.

    Канкуровски смета дека двата железнички проект на земјава – брзата пруга на Коридорот 10 и пругата кон Бугарија, можат да се реализираат истовремено, ако се обезбедат пари за тоа, а европската финансиска поддршка на железничкиот транспорт треба да се искористи.

    Поранешниот директор на железници инфраструктура Хари Локвенец смета дека проектот е значаен за македонската економија исто колку што е важно да се изгради делот кон Албанија. Затоа смета тој дека е добро да се одржуваат живи контактите со бугарската страна.

    – Искрено се надевам на успех во реализацијата на овој проект во кој вложив труд од 2,5 години. Иако во мојот мандат не се работеше на третиот дел од пругата кон Бугарија и не можам да коментирам дали е изводлив, се надевам дека ќе се најде решение. Во тој период имавме 10 средби на техничко ниво. Имаме и меморандум потпишано. Но, очигледно е дека во проектот се вмеша и политиката. Сепак, очекувам контактите со бугарската страна да не се прекинуваат со цел да се реализира ова поврзување на земјава со уште едно морско пристаниште со цел да им се дадат поголеми можности на компаниите – вели Локвенец.

    Бугарија тапка во место, не прифаќа средби со македонските тимови

    На бугарска страна пругата завршува до Ѓуешево и до граничното поврзување има само 2,5 километри пруга која Бугарија најмалку 10 години ветува дека ќе ја гради. Нејасни се и информациите кои доаѓаат од бугарска страна за изградба на делот од делницата таму. Во изминатите години се слушаа информации дека тунелот од бугарска страна се гради, но потоа дојде и информација дека не се знае дали тунелот ќе влезе во проектот за пругата. Бугарија има вкупно 15 сценарија за пругата од Радомир до Ѓуешево, но нема ниедно за последниот дел кој треба да ги поврзе пругите на двете земји.

    Од бугарското Министерство за транспорт не даваат никакви информации за реални рокови, не е посочено кое од 15-те сценарија за реконструкција и модернизација од предлог-вложувањето за модернизација на железничката пруга Радомир-Ѓуешево-граница со Македонија, ќе ја претставува последната рута.

    Според една информација за железничката делница Софија-Перник-Радомир-Ѓуешево-македонска граница изготвен е премерен извештај и технички пасоши на постојните станици и меѓустаници кои се чуваат во опфатот на проектот, катастарски планови и регистри, одобрен е технички проект за железничката делница и детален план за распоред, технички спецификации и апликации за изградба, геодетски елаборат и инженерско – геолошки елаборат. Техничкиот проект и деталниот план допрва треба да бидат одобрени од Министерството за планирање и развој.

    Колку е значаен проектот за НАТО?

    Во реакцијата на бугарската влада на најавата на Николоски дека сака да ги пренамени парите за пругата кон Бугарија за изградба на брза пруга до Солун, Бугарија се повика на интересите на НАТО.

    „Коридорот 8 не е само обичен транспортен коридор. На самитот на НАТО во Вашингтон од 9 до 11 јули беше постигнат договор за изградба на коридори за воена мобилност меѓу Бугарија, Италија, Албанија и Северна Македонија во рамките на Коридорот 8, како и меѓу Бугарија, Грција и Романија. Целта на овие врски е да се забрза воената мобилност меѓу земјите – во контекст на војната во Украина и зголемувањето на одбранбените способности на источното крило на НАТО. Важноста од зголемувањето на геостратешката автономија на ЕУ“, е ставот на бугарската влада.

    – Коридорот станува клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО од Јадранското Море до Црното Море и е од големо значење во актуелниот геополитички момент. Одбивањето да се изградат основни компоненти на Коридорот 8 ја ослабува колективната безбедност на Алијансата – рекоа од бугарската страна.

    Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри). Проектираната пруга на западното крило на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри.

    Пругата кон Бугарија се гради повеќе од 30 години, а идејата датира уште од османлиско време.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img