More

    Непотребна паника за Законот за министерства

    spot_img

    Веста објавена на неколку електронски медиуми со наслов: „Мицкоски го повлече законот за реорганизација на Владата“ е неточна и истата во целост ја демантираме, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од партијата појаснуваат дека законот е повлечен за исправање на номотехничка грешка.

    „По корегирање на истата законот беше веднаш поднесен и истиот денес ќе се најде на седница на Собранието. Потенцираме дека не станува збор за никакво повлекување на законот, туку за негова номотехничка корекција која е во насока на подобрување на предлог законското решение“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

    Инаку денеска Собранието треба да ја одржи втората седница, на чиј дневен ред е и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, предложен од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

    Како што стои на собраниската веб страна, на дневен ред на оваа седница се и две други точки – Верификацијата на мандат на пратеници во Собранието на Република Македонија и Предлог на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија.

    Собранието треба дополнително да го утврди мандатот на кандидатот за пратеник на пратеничката од шестата изборна единица Имрлије Салиу-Фетаи по прегласување на неколку избирачки места на 22 мај во оваа изборна единица. Верификацијата најпрвин треба да помине на собраниската Верификациона комисија.

    Во образложението за предложените измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа е наведено дека целта е реорганизација на министерствата и органите на државната управа, на начин што ќе овозможи нивно правилно функционирање, непоклопување на надлежностите и соодветна линија на отчетност врз основа на претходно дефинирани показатели на успешност на работа на институциите.

    „Реорганизацијата на министерствата и другите органи на државната управа се врши со цел прилагодување на нивната работа на современите потреби на функционирањето на органите на државната управа, особено во смисла на поставување на поголем фокус на работите во областите на енергетиката, минералните суровини, рударството, како и на спортот. Во смисла на надлежностите, министерствата добиваат појасни надлежности, се разграничуваат испреплетените надлежности помеѓу постојните министерства и се овозможува простор да рамковното регулирање на органите на државната управа биде точно утврдено со материјални закони“, се посочува во образложението.

    Се наведува дека неопходноста од изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со кој се предвидува и формирање нови министерства произлегува од фактот што некои органи на државната управа и управни организации како и самостојните органи не се функционални и не ја исполнуваат основната нивна функција односно истите не функционираат за поефикасно остварување на правата, должностите и интересите на граѓаните и правните лица.

    Предвидено е кабинетот на Мицкоски да брои 24 члена, односно премиерот плус 23-ца министри.

    Колку за споредба, актуелната влада брои 20 члена. Дел од министерства ќе се реорганизираат, ќе се формираат и нови. Министерство за економија ќе стане Министерство за економија и труд. Сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Нови ќе бидат Министерството за спорт, како и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Туризмот ќе оди под капата на Министерството за култура. Новина е и Министерството за дигитализација, а ќе има и ново Министерство за администрација.

    Интересно е што Левица соопшти дека го прифаќа ваквиот предлог, под услов ВМРО-ДПМНЕ да прифати една Изборна единица.

    За усвојување на новиот закон потребни се 2/3 мнозинство од пратениците.

    Партијата на Мицкоски на парламентарните избори на 8-ми мај освои 58 мандати, коалицијата ВЛЕН 14, а ЗНАМ 6 мандати. Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека новата Влада ќе биде формирана согласно со уставните рокови.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img