Стапи во сила одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало, што минатиот вторник ја донесе Владата на предлог на Министерството за економија, а престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.
Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.
Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.
Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.
Во наредниот период, според најавите од надлежните, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи можат да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ.
Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека со одлуката за ограничување на маржите ќе се стабилизира пазарот и не верува дека ќе има нов ценовен шок.
– Очекуваме ограничувањето на трговските маржи во трговијата на големо и мало со основните прехранбени производи да предизвика намалување на нивните цени. Ние не очекуваме големо намалување на цените. Во случај да останат истите цени на суровините, тогаш согласно одлуката, очекуваме да има намалување од пет до 10 проценти на постоечките цени. Во случај да се зголеми цената на суровините, тогаш минимум што може да направиме е да имаме стабилизација на цените – вели Бектеши.
Тој смета дека со претходната мерка за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти поголемиот товар паднал врз производителите, отколку врз трговците на големо и мало. Во време на пандемија, поточно во 2020 година, како што истакна, дел од супермаркетите во земјава имале нето профит кој се движел од три до 8,5 милиони евра. Токму затоа одлуката за ограничување на маржите важи до крајот на мај кога се очекува да биде донесен законот за нефер трговски пракси со кој меѓу другото се предвидува категоризација на супермаркетите.
– Во делот на маржите за основните прехранбени производи мислам дека нефер практики се одредени чинители на ланецот на трговија во државата да добијат маржи над 30, па до 50 отсто, посебно нефер е во време на пандемија и во време на вакви кризни состојби. Убеден сум дека и во делот на купопродажните договори кои ги склучуваат трговците на мало со производителите или со увозниците имаат начин како да се направат такви договори за да нема вакви големи маржи кои моментално ги има во некои од ланците од супермаркети во нашата држава – порача Бектеши.
Стопанската комора, пак, побара итна средба со министерот за економија за дополнителни консултации со цел наоѓање избалансирано решение за замрзнувањето на маржите во трговијата на големо и на мало.
Ако маржата се замрзне за одреден период, според компаниите членки на Комората, таа треба да биде во висина од 20 проценти во трговијата на мало, а потребна е и корекција на листата на производи, односно одлуката на Владата да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа. Доколку не се направи корекција на листата, велат од Комората, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат.
– Доколку намерата на Владата e заштита на социјалната категорија граѓани, домашните трговци на големо и на мало се подготвени за соработка. Во согласност со податоците, само за плати се издвојуваат 8 до 14 отсто од прометот, а со носењето на Законот за минимална плата и со нивното линеарно зголемување, тој процент ќе биде и повисок. На енергенси отпаѓаат 5 до 6 отсто, на одржување 7 до 10 отсто, а за плаќање закуп за простор од 3 до 4 отсто од вкупниот промет. Оттука, ако маржата се замрзне за одреден период, таа треба да биде во висина од 20 отсто во трговијата на мало. Доколку Владата не го прифати барањето за корекција на листата на производи, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на самите трговци – велат од компаниите.
Денеска престанува да важи претходната одлука на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи што беше донесена на 5 декември минатата година. Тогаш цените на основните прехранбени производи беа замрзнати со цената што ја имале на 1 декември 2021 година. Првично беа замрзнати цените на лебот, шеќерот, брашно – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата. Потоа одлуката беше проширена и за оризот, јајцата и тестенините.