Италијанската полиција уапси осум фудбалски навивачи поради насилство пред и по натпреварот меѓу Наполи и Ајнтрахт Франкфурт во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Наполи во реваншот на домашен терен победи со 3:0 и со вкупен резултат 5:0 се пласираше во четвртфиналето. Во денешното полициско соопштение се наведува дека се уапсени пет навивачи на Наполи и тројца навивачи на Ајнтрахт.
Навивачите од Франкфурт добија забрана за присуство на реваншот поради нередот што го направија на првиот натпревар, но сепак отпатуваа за Италија.
„Невозможно е се уште да го разгледуваме сето ова во 2023 година. Ова е лошо за градот и лошо за фудбалот. Луѓето доаѓаат, уништуваат и потоа заминуваат, тоа не е добро, жал ни е што ги гледаме овие работи“, изјави дефанзивецот на Наполи, Хуан Жесус.
За време на нередите повредени се шест полицајци, а полицијата се обидува да ги идентификува 470-те навивачи на германскиот клуб кои останале во градот и да ги анализира фотографиите за да ги утврди одговорните за нередите.
Нередите започнаа во средата попладне, а продолжија и по натпреварот. Навивачите фрлаа димни бомби, факели, столчиња, шишиња и метални прачки кон полицијата, која фрли солзавец.
Италијанските медиуми ги снимија навивачите на Наполи како пукаат во автобусите со навивачи на Ајнтрахт.
Градоначалникот на Неапол Гаетано Манфреди го осуди насилството, а Филип Решке, член на управата на германскиот клуб изрази жалење за инцидентите.
Поради нередите на првиот меч меѓу двата клуба во февруари, уапсени се девет лица.