На меѓународниот аеродром во Лос Анџелес (LAX), пред извесно време пред цариниците се појавил патник без билет, без виза, без пасош и други документи. Мистериозниот маж пристигнал од Копенхаген, но не бил на списокот на Scandinavian Airlines, ниту во системите на граничните служби.
Тој тврдел дека се вика Сергеј Очигава, но дека не се сеќава како завршил во авионот.Човекот изјавил дека работи како економист, дека има руско и израелско државјанство и дека ги заборавил документите во авионот, пренесува Телеграм каналот База.
Неговиот пасош не бил пронајден, па агентите на ФБИ го привеле на дополнително испитување.
Според изјавата поднесена од агентката на ФБИ, Керолин А. Волинг, Очигава на агентите на ФБИ во испитувањето им кажал не спиел три дена и не разбира што се случува.
„Очигава не се сеќаваше како се качил на авионот во Копенхаген. Очигава, исто така, не објасни како и кога стигнал во Копенхаген или што правел таму“ – вели Волинг во изјавата.
Агентката на ФБИ истакнува и дека тој тврдел дека не знае како поминал низ безбедносни проверки без билет.
За време на интервјуто на 5 ноември, Очигава им дозволил на агентите накратко да ги прелистуваат фотографиите на неговиот телефон. Последната фотографија во неговиот телефон покажувала телевизиски екрани кои прикажуваат информации за летовите за дестинации низ светот, вклучувајќи ги Амстердам, Минхен и Лондон, заедно со зборови напишани на дански. Друга била скриншот од мапа што ја прикажува локацијата на хостел во Кил, Германија и мапи од друг непознат странски град. Агентите поднеле барање за налог за претрес на неговиот Ајфон, во обид да ги спојат неговите движења и да најдат каква било евиденција за патните документи или барањата за виза – пишува Вашингтон пост.
Агентите добиле информации дека тој често ги менувал седиштата во авионот, барал да јаде и земал чоколада наменета за членовите на екипажот.
Идентитетот на мажот сѐ уште не е утврден, а американските и данските власти работат заедно на необичниот случај.