More

    Нема трага од 45 тони јаболка вратени од Русија, но властите смируваат

    spot_img

    Не се знае каде завршија околу 45 тони јаболка за кои Русија не дозволи увоз поради пронајдениот кафеав мраморен инсект (Halyomorpha halys). Не се знае дали извозот се реализирал од земјава или преку друга земја, но се знае дека тие не завршиле во училиштата како здрав оброк иако во јавноста се проширија информации дека овие јаболка им биле делени како бесплатна храна на учениците. Овоштарите и Министерствот за земјоделство тврдат дека во училиштата и градинките се носат најквалитетните преспански јаболка, а набавката за нив е завршена пред да стигне привремената забрана за извоз од Русија.
    Здружението на овоштари од Ресен тврди дека во никој случај овие јаболка не завршиле како ужинка за учениците.
    – Ние имаме посебен договор да обезбедиме јаболка за градинките и училиштата. За тоа, како што е договорено, се одбираат најквалитетните јаболка, според стандарди на ЕУ, бидејќи целта ни е да ги научиме децата од мали нозе да консумираат македонско овошје. Овој договор со владата изнесува само 1 отсто од производството на јаболка во регионот, но ние го сфаќаме како напор на владата да ни помогне нам, но и да понуди здрава храна за училиштата и градинките – вели Љубе Пампулески, претседател на Здружението на овоштари од Ресен.

    Владината програма за здрава храна во училиштата за годинава предвиде откуп на 743.000 килограми домашни јаболка кои се дистрибуираат во 350 основни училишта, односно до 186.000 ученици. Годинава за оваа програма се планирани 20 милиони денари, а за следната се одвоени двојно повеќе.

    Нема трага од вратениот извоз од Русија

    И од Министерството за земјоделство тврдат дека набавката за јаболка за училиштата е направена пред да биде добиена забраната за извоз на јаболка во Русија поради кафеавиот мраморен инсект (Halyomorpha halys).
    – Дистрибуцијата на јаболката до училиштата беше претходно почната – велат од Министерството за земјоделство. Ни ова Министерство не кажа каде завршиле тие 45 тони јаболка наменети за Русија, кои требаше да се вртат во земјава.
    Прашавме и во Царинската управа дали преку нашата граница поминале вратените шлеперите со јаболка и каде завршиле овие јаболка, но не добивме одговор.
    Овоштарите и дел од откупувачите од ресенско велат дека не знаат каде завршиле шлеперите со јаболка вратени од Русија и како се реализирал извозот дали од земјава или од некоја земја од соседството.
    – Не знам кој е извозникот и каде завршиле јаболката, но знам дека 2 камиона со ресенско јаболко се вратени од Русија поради пронајдената бубачка. Тоа најверојатно го знае Царината или Министерството за земјодлество. Државата рече дека работи на решавање на проблемот со Русија, а ние чекаме да продолжиме со извоз. Кога ќе може да извезуваме не се знае – вели Агрон Реџепи од фирмата „Матрикс груп“, која откупува јаболка.
    Познавачите на состојбите велат дека најчесто овошјето кое се враќа од границите завршува во некоја фабрика бидејќи ова е расиплива стока.

    Јаболката можеби завршиле во некоја фабрика

    Од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ велат дека досега немаат поплака или барање за помош за решавање на проблемот на превозникот на јаболката.
    – Немаме примено барање за помош за решавање на проблем со враќање на јаболка од нашите превозници, ниту од други превозници кои обично се консултираат со нас како да постапат. Тоа значи дека проблемот е веќе решен. Дали тоа бил странски превозник или во меѓувреме е продадена стоката и не е донесена во земјава, нам не ни е познато – вели Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“.
    Таа појаснува дека за враќање на стоката во земјава е потребна дозвола на извозник, па проблем за превозниците настанува ако извозникот не сака да ја врати стоката.
    – Кога ќе се случи извозникот да не се согласува да се врати стоката, бидејќи треба да добие дозволи за премин низ државите до земјава и треба да плати царина и ДДВ на нашата граница како да ја увезува сопствената стока, тогаш за превозникот остануваат две можности или да побара од царината да се уништи стоката, за што треба да плати, или со изјава да ја отстапи на користење на државата. Ќе има среќа ако извозникот во меѓувреме ја продаде стоката во друга држава и најчесто, бидејќи овошјето е расиплива стока, тоа завршува во некоја преработувачка фабрика – појаснува таа.

    Мермерната бубачка опасна само за растенијата

    Кафеавата мермерна бубачка не е опасна за здравјето на луѓето, но е опасен штетник кој им се заканува на различни видови земјоделски производи, што може да доведе до намалување на приносите и до 80 отсто кај овошјето, но и кај житарките.
    Штетникот е широко распространет во одредени земји во Европа, како и кај нас, но не се наоѓа на нашата листа карантински штетници. Тој е на листа на штетници на Руската Федерација која има различни фитосанитарни закони од европските.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img