Досега не е донесена одлука за испраќање припадници на нашата Армија на територија на источниот блок на НАТО, а доколку биде донесена таква одлука, јавноста ќе биде информирана, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
– Република Северна Македонија, која е членка на НАТО, е подготвена да го сподели товарот со останатите, но до овој момент немаме донесено конкретна одлука за тоа. Доколку донесеме, јавноста ќе биде информирана – изјави Петровска по одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Армијата.
Таа додаде дека македонската Армија има исклучително обучени и релативно добро опремени припадници, кои, доколку евентуално бидат испратени во ваков тип мисија, ќе бидат распоредени на соодветни места согласно стратегиите и развојните планови на НАТО.
Кон средина на годинава се очекува да стасаат во земјава лесните оклопни возила. Модернизацијата се одвива во неколку сегменти – дел се однесува на личното опремување на секој припадник, а дел на модернизација на телекомуникациските и системите на вооружување.