Работната група за изработка на новата национална Стратегија за сајбер безбедност за периодот од 2024 до 2028 година почнува да работи од денеска, информира министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
– Сајбер безбедноста е клучен аспект на националната безбедност и стабилност во ерата на рапидна дигитализација. Новата национална Стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучен документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети во оваа област. Нашата визија е да создадеме безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество – рече Андоновски.
Зборувајќи за ризиците, но и за предизвиците, тој посочи дека изминатиот период бевме сведоци на зачестени сајбер напади врз критичната инфраструктура, како во нашата земја, така и во регионот.
Статистиките се загрижувачки, при што во 93% од случаите, надворешен напаѓач може да го пробие мрежното опкружување на организацијата, дури 43% од сите прекршувања се инсајдерски закани, било намерни или ненамерни, а во просек, само 5% од податоците на компаниите се соодветно заштитени.
– Немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура и да вложуваме во професионални човечки капацитети со кои дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност – нагласи Андоновски.
Андоновски најавува високо ниво на транспарентност во процесот на изработка на Стратегијата која ќе се развива во согласност со принципите на ЕУ и НАТО, како и со меѓународните обврски на земјата.
Тој најави и јавни консултации, работилници и дебати во текот на целиот процес, со цел постигнување на инклузивност во изработката на Стратегијата.
– Владата ја препознава клучната важност на сајбер безбедноста за нашиот национален развој и просперитет. Токму затоа, ова прашање е високо на нашата агенда и е интегрален дел од нашите напори за дигитална трансформација на општеството. Министерство за дигитална трансформација е целосно посветено на создавањето на сеопфатна сајбер безбедносна инфраструктура. Нашата цел е не само да реагираме на заканите, туку и проактивно да ги антиципираме и спречуваме потенцијалните ризици- рече Андоновски.