Националната метеоролошка служба на САД денеска соопшти дека повеќе торнада се забележани на подрачјето на Чикаго, вклучително и едно во близина на аеродромот О’Харе, што предизвикало прекин на воздушниот сообраќај.
Најмалку осум торнада имаше во четири окрузи во североисточниот дел на Илиноис, вклучувајќи четири во округот Кук, каде што се наоѓа Чикаго.
Сите авиони на комерцијалните летови кон аеродромите О’Харе и Мидвеј беа приземјени, а полетувањата од тие два аеродрома беа одложени, објави американската Федерална управа за авијација.
Според „Флајт Авер“, повеќе од 320 лета биле откажани, а градските власти ги предупредиле луѓето да се евакуираат.
„Имаше откорнати дрвја и разнесени покриви во градот Кантрисајд во округот Кук, а стакла од автомобили беа разнесени во Ла Гранж“, соопшти Националната метеоролошка служба. Оштетувања на покриви и дрвја се пријавени и на неколку други локации.
Илјадници жители останаа без струја, а канцеларијата на градоначалникот Брендон Џонсон соопшти дека жителите на Чикаго треба да ја ограничат употребата на вода за да спречат поплави.
Предупредувањето за торнадо за Чикаго сè уште не е укинато, меѓутоа, експертите велат дека сегашната прогноза е „без предупредување за торнадо“.