Голем број земји како што се Австрија, Чешка Република, Франција, Италија, Полска, Словенија и Словачка воведоа нови контроли на нивните граници. Тие се обидуваат да ги спречат криумчарите со луѓе да ги користат балканските рути за да носат мигранти во Централна и Западна Европа. Ова ја става Шенген-зоната под притисок во однос на слободното движење и договорите за безвизен режим со трети земји.
Граничните контроли се воведуваат поради безбедносните предизвици и зголемената закана од тероризам во Европа по неодамнешното избувнување на насилство на Блискиот Исток, како и терористичките напади во Франција и Белгија. Оваа ситуација ја подгрева поддршката за десничарските политички партии во некои земји.
Државите што ги зајакнуваат контролите се сите членки на Европската на Унија и Шенген-зоната на отворени граници.
Земјите од Централна Европа неодамна се соочија со зголемен број на мигранти и баратели на азил кои најмногу пристигнуваат од Србија преку Унгарија и се упатуваат кон побогатите земји во Западна Европа.
Повторното воведување на гранични контроли во Шенген зоната е дозволено во исклучителни околности, а Брисел треба да биде известен пред нивното воведување.
Европските лидери ги повторуваат повиците за подобра заштита на надворешните граници на ЕУ и ја потврдија нивната соработка на полето на миграција по смртоносниот напад во Брисел изминатиот понеделник. Двајца шведски фудбалски навивачи беа убиени близу стадионот каде Шведска играше против Белгија во квалификациите за „Евро 2024“.
Терористичката Исламска држава (ИД) подоцна ја презема одговорноста за нападот. Осомничениот извршител на нападот бил тунижанец кому му било одбиено барањето за азил и истиот нелегално престојувал во Белгија. Белгиската полиција го застрела 45-годишниот маж во една кафетерија во Брисел следното утро и тој подлегна на повредите.
– Требаше да имаме еден пообединет европски пристап за да се справиме со главните причини за она што се случи во последните денови – изјави премиерот на Белгија, Александар де Кру, на заедничка прес конференција со шведскиот колега Улф Кристерсон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во средата.