Бразилскиот репрезентативец Нејмар наскоро би можел и официјално да го напушти ПСЖ, бидејќи не е во плановите околу новиот проект на клубот и неговиот трансфер би можел да биде комплетиран до крајот на преодниот рок.
ПСЖ со Лионел Меси, Килијан Мбапе и Нејмар навистина доминираше во Франција, но не успеа да го освои трофејот во Лигата на шампионите и летово тимот може целосно да се реновира. Меси веќе замина во Америка, Мбапе долго време е на излезната врата, а сега и Нејмар е во потрага по нов клуб.
Како што пренесува каталонски спорт, челниците на Барселона активно бараат решение за да го вратат во своите редови Бразилецот кој своевремено беше продаден во ПСЖ.
Проблемот за Барселона настанува во врска со финансиите и правилата на финансискиот фер-плеј, па се бара решение како тоа да се направи. Каталонскиот клуб се уште ги нема пријавено сите играчи за шпанското првенство и моментално решава поважни прашања од трансферот на Нејмар.
Спорт пренесува дека дошла идејата Нејмар да се пресели во некој од клубовите од Саудиска Арабија, најверојатно Ал Хилал, кој потоа би го позајмил на Барселона на една година. Се зборува и дека Нејмар би можел да потпише четиригодишен договор, додека Барселона би имала обврска да му исплати плата вредна 12 милиони евра годишно.
Сепак, Саудиска Арабија и Барселона не се единствените опции, бидејќи во игра за доведување на Бразилецот се и два клуба од Америка. Вклучени се и двата клуба од Лос Анџелес, но во моментов изгледа пореално Нејмар да заврши во Ал Хилал или Барселона, бидејќи и Челзи се откажа од негово доведување.
Нејмар дојде во ПСЖ летото 2017 година кога му беа исплатени 222 милиони евра, но не ги оправда целосно вложените пари во него. За шест години одигра вкупно 173 натпревари и постигна 118 гола, а притоа даде и 77 асистенции.
Сега прашање е кој е подготвен да му плати на Бразилецот онолку колку што ќе бара ПСЖ.