Неготино утре ќе почне со активности за ставање во производство

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Од АД Електрани на Северна Македонија соопштија дека ТЕЦ Неготино утре изутрина ќе почне со пуштачки активности за ставање на електраната во функција на производство.

„Вечерва завршуваат сервисните и ремонтните активности на генераторот и на другата опрема во ТЕЦ Неготино, и утре во 7. 30 часот почнуваат пуштачките активности за ставање на електраната во функција на производство“, информираа од Електрани на Северна Македонија.

Оттаму додаваат дека во договорот со економскиот оператор кој ги изведувал работите бил наведен 15 декември како датум за завршување на зафатите.

„Но, со засилен интензитет на работа на економскиот оператор, и зголемен ангажман на вработение кој во изминатите денови се вршеше под засилен надзор од генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и на директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, рокот е скратен за 10 дена. Во услови на енергетска криза тоа ќе значи економски и енергетски бенефит“, наведоа од Електрани на РСМ.

Во сервисните и ремонтните активности беа вклучени економскиот оператор Монтинг Инженеринг, вработените во ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ, РЕК Битола и консултанти од производителот од Украина.

Генераторот е произведен во 1975 година и во ТЕЦ Неготино е ставен во употреба во 1978 година. Ова е прво отворање и големо ремонтирање на генераторот.

Од АД ЕСМ посочија дека вложуваат максимални напори и засилено ги ставаат во функција сите капацитети, со цел да се задоволи зголемената потреба од домашна електрична енергија, со оглед на зголемените задолжувања од страна на Владата кон АД ЕСМ за испорака на енергија кон Универзалниот снабдувач, институциите, како и бизнис секторот.

Share This Article