Цените на недвижностите се очекува да се зголемат во просек за девет отсто годишно во следната деценија, покажува студијата од германскиот институт ИФО на економисти од водечки германски и швајцарски истражувачки институции објавена оваа недела.
Очекуваните стапки на раст во Западна Европа (6,4 отсто) и во Северна Америка (7,7 отсто) се под светскиот просек. Тие се значително повисоки во Јужна и Источна Европа, каде што изнесуваат 18,4, односно 14,9 проценти. Цените во Јужна Азија се очекува да пораснат за 25,1 отсто, во Западна Азија за 22,4 отсто и во Централна Америка за 24,4 отсто.
Експертите предвидуваат пораст од 8,4 отсто во Велика Британија, 7,2 отсто во Германија, шест отсто во САД и 5,5 отсто во Франција. Причините за нагорниот тренд вклучуваат повисок животен стандард и повисоки приходи, но и желба за повеќе простор за живеење и зголемување на бројот на жители.
Зголемената популарност на работата од дома, исто така, придонесува за растот на цените, се вели во студијата. Сепак, Вохнер вели дека „факторите на понудата, како што се ограничениот производствен капацитет, повисоките цени за градежни материјали и недостатокот на градежно земјиште“, исто така, играат голема улога.
– Порастот на цените на недвижностите е поттикнат повеќе од факторите на побарувачката отколку од понудата – изјави истражувачот Тимо Вохнер од германскиот институт ИФО, кој го спроведе истражувањето со Швајцарскиот институт за економска политика.
Прогнозираните зголемувања на цените на недвижностите ширум светот варираат. Бројките не се приспособени со инфлацијата, така што реалните зголемувања на цените веројатно ќе бидат помали, наведува ИФО.
Во истражувањето, кое траеше од 14 јуни до 2 јули, учествуваа вкупно 1.405 економски експерти од 133 земји.