Недостигот на работна сила станува алармантен

Lorita
By Lorita 19 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Македонија е земја со силна земјоделска традиција, но овој сектор денес се соочува со една од најголемите кризи во својата историја – недостиг на работна сила.

Негативниот тренд, кој трае веќе со години, сега ескалира со зголемената старосна структура на земјоделците, слабиот интерес од страна на младите и со ниската вклученост на жените во земјоделството.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), просечната старост на земјоделците е над 50 години, од кои две третини се мажи, а жените сочинуваат само една третина од земјоделската работна сила.

Во меѓувреме, младите се сè помалку заинтересирани за работа во земјоделството, што дополнително го загрозува секторот. Ова создава двоен притисок врз земјоделството: недостиг на млади луѓе кои би го продолжиле производството и огромна зависност од увоз на храна.

Бројот на регистрирани земјоделци во Македонија изнесува околу 65.000, што е значително намалување во споредба со земјоделците од пред десетина години, кога биле 90.000.

Коренот на проблемот

Причините за ваквата состојба се повеќеслојни, коментираат економските аналитичари со коишто разговаравме. Тие велат дека младите се одвраќаат од земјоделството поради неколку причини: недостаток на финансиска поддршка за започнување земјоделски бизнис, недоволно развиена инфраструктура во руралните средини, како и поради неспособноста на селата да понудат квалитетен социјален и културен живот.

Што се однесува до жените-земјоделки, пак, кои сѐ помалку ги има на нивите, експертите наведуваат дека тие се соочуваат со бариери: непостоење детски градинки, што им оневозможува да работат додека ги згрижуваат децата, како и недостиг од домови за стари лица, што ја отежнува грижата за постарите членови на семејството.

Експертите предлагаат неколку мерки за решавање на проблемот:

  • Поддршка за младите земјоделци – обезбедување финансиски стимулации за започнување земјоделски бизниси, субвенции за млади, грантови за технолошки иновации и бесплатни обуки.
  • Предлагаат и инвестиции во руралната инфраструктура – изградба на патишта, снабдување со вода, поставување стабилни интернет мрежи, што ќе го направи животот во селата попривлечен.
  • Зголемена улога на жените – отворање градинки и домови за стари лица во руралните општини за да се ослободат жените за пазарот на труд.

Што мислат земјоделците?

Од друга страна, земјоделците се убедени дека загрантираниот пласман и добрите цени ќе можат да ги задржат, односно да ги вратат младите на нивите.

- Advertisement -
Ad image

Ристо Велков, земјоделец од Василево, забележува дека една третина од струмичкото поле е празно и необработено, додека во селата нема млади, а по нивите останале само повозрасните.

Памуков:ако целта им е да ги задржат младите во земјава и да ги натераат да се занимаваат со земјоделство, тогаш треба на тие млади луѓе да им изработат соодветни програми
Памуков: Ако целта им е да ги задржат младите во земјава и да ги натераат да се занимаваат со земјоделство, тогаш треба на тие млади луѓе да им изработат соодветни програми

– Некогаш се произведуваа секакви работи, а сега нивите се претворија во депонии. Но, ако може да се постигне тоа да порасне откупната цена на земјоделските производи, јас мислам дека голем дел од луѓето ќе се вратат на нивите, вклучувајќи ги и младите. Наместо да ја напуштаат татковината и фамилијата со цел да аргатуваат и да слугуваат надвор од државата, нашиот земјоделец ќе си се врати дома и ќе живее од земјоделството – изјави Велков.

Драги Памуков од Здружението „Кукла Градинар“ им порачува на советниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството да излезат на терен и да им помогнат на младите земјоделци.

- Advertisement -
Ad image

Помошта, додава тој, треба да биде стручна и административна, за користење средства од фондовите.

– Нека излезат советниците на терен и нека почнат да комуницираат со земјоделците. Зарем не гледаат дека нема млад човек на нивите? Затоа велам, ако целта им е да ги задржат младите во земјава и да ги натераат да се занимаваат со земјоделство, тогаш треба на тие млади луѓе да им изработат соодветни програми – вели Памуков.

Аларм за развојни мерки

Наместо земјоделството да се смета за сектор за дополнителна дејност на семејствата, треба да биде главен сектор односно да се сфаќа како сериозен бизнис

Арбен ХалилиЦЕСАРД

Арбен Халили, претседател на Центарот за одржливо земјоделство и рурален развој (ЦЕСАРД), вели дека моменталната состојба со работната сила во земјоделството е далеку од задоволителна, па ако не се реагира веднаш со развојни политики, предупредува тој, тогаш не ни преостанува ништо друго освен да почнеме да увезуваме сезонски работници како што тоа го прават многу земји како Грција, Словенија, Шпанија…

– Домашната економија се соочува со огромен предизвик, а посебно земјоделскиот сектор е пред една таква состојба што бара значителена посветеност од страна на државните институции како кројачи на развојните политики. Сметам дека овој предизвик од година во година ќе биде уште поголем. Дополнителен проблем е тоа што на нивите не можете да видите помлад земјоделец од 50 години. Тоа е уште еден аларм за развојни мерки. Решение секогаш има, но мора овој сектор прво да премине во развоен, односно да стане стратешки сектор за државата. Наместо земјоделството да се смета за сектор за дополнителна дејност на семејствата, треба да биде главен сектор, односно да се сфаќа како сериозен бизнис – објаснува Халили.

На прашањето дали унгарскиот кредит ќе има ефект во руралните средини, Халили не очекува директно значително влијание.

– Добро би било ако општините се сетат и доколку ги искористат парите од унгарскиот кредит за да отворат патишта до нивите, за да ја подобрат постоечката инфраструктура, за да ги прилагодат државните површини во инвестициски проекти со концептот јавно-приватно партнерство, за да отворат нови откупни центри. Погледнете ги селата низ Македонија. Скоро и да не постои село што не е испразнето за најмалку половина од населението. Убаво е да се градат детски градинки и домови за стари лица со цел помладите да имаат можност целосно да се посветат на земјоделството, но од друга страна, бадијала имате нова градинка ако земјоделскиот сектор не ви обезбедува солидна заработувачка, односно ако не можете да добиете добра откупна цена за производите што сте ги произвеле – објаснува Халили.

Влог во технологијата

Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Михаил Петков, недостигот на работна сила истовремено значи и намалено производство на домашна храна, што ја зголемува зависноста од увоз.

– Во овој момент е навистина тешко било што да се каже и да се прогнозира. Пред сѐ, ние имаме сериозен проблем со недостиг на работна сила во земјоделството, а и таа работна сила што ја имаме е непостојана. Главно располагаме со сезонски работници, а и тие не се многубројни. Сите знаеме дека сезонските работници секогаш одат да работат некаде во друга земја каде што се подобро платени и затоа кај нас ги има сѐ помалку. Другиот дел во врска со работната сила е што станува збор главно за повозрасни земјоделци, од кои не може да се очекува премногу. Затоа, не ни останува ништо друго, освен да се прилагоди земјоделството и да се овозможи максимална механизирана обработка на земјиштето и на земјоделските насади. Треба да инвестираме во технологијата и полека да почнеме да го исклучуваме човечкиот фактор, кој досега беше клучен во земјоделството – советува професорот.

Проф. Петков: Ние како држава треба да се насочиме кон максимално користење на  технологијата. Само така ќе можеме да го спасиме земјоделството и да ги вратиме младите на нивите.

Тој додава дека проблемот со работната сила во земјоделството не ѝ натежнува само на Македонија, туку е присутен секаде во светот. Но, како што објаснува, развиените земји многу порано ја имаат детектирано опасноста и многу одамна почнаа да вложуваат во целосна автоматизација и отфрлање на човечкиот фактор од земјоделството.

– Не можеме да очекуваме брзи резултати. Не одат работите така брзо во земјоделството, особено ако се работи за едногодишни насади. Но, треба од некаде да се почне. Имајќи ги предвид лозјата, на пример, имаме прилично голем број насади кои се стари, над 30-40 години, и кои и така треба да се обновуваат. А кога ќе се обноват, добро би било новите насади да ги запазат новите стандарди – објаснува Петков.

Во однос на прашањето како да се натераат младите да го засакаат земјоделството, тој вели дека државата со години наназад креира разни програми за привлекување на младата работна сила, но очигледно тие не вродуваат со плод.

– Кој млад човек во денешно време сака да работи на нива? Плус, овој сектор секогаш е ризичен затоа што зависи и од надворешниот фактор. Затоа велам, ние како држава треба да се насочиме кон максимално користење на  технологијата. Само така ќе можеме да го спасиме земјоделството и да ги вратиме младите на нивите. Младите сакаат да работат со технологија, а од ден на ден имаме сѐ понови програми и технолошки решенија. Оставете им на младите преку компјутер да направат анализа на почвата, да ја измерат влажноста на почвата, оти само така ќе им ја вратите љубовта кон земјоделството – објаснува професорот Петков.

Селата ќе се урбанизираат

Прашањето колку проекти за градинки и за старечки домови се планирани во руралните средини со цел да се ослободат жените од домашните обврски и да се посветат на земјоделството, му го поставивме на претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски.

Тој вели дека во моментот ЗЕЛС нема конкретна и сумирана бројка на планирани проекти од тој тип, бидејќи, како што вели, за вакви капитални проекти општините допрва треба да аплицираат за средства до Владата со изработена проектна документација.

Со отворање на градинки, жените ќе добијат повеќе време за личен развој и можност активно да се вклучат во земјоделството или на пазарот на трудот. Дополнително, старечките домови ќе обезбедат грижа и поддршка за постарите лица, што дополнително ќе ја растовари домашната динамика во овие средини

Орце ЃоргиевскиПретседател на ЗЕЛС

– Сепак, во дискусија со градоначалниците од различни општини, јасно е дека постои голем интерес и очекуваме изградба на значителен број градинки и старечки домови. Овие инвестиции се од исклучителна важност, бидејќи ќе придонесат за олеснување на секојдневните обврски на жените, кои досега во голем дел го носат товарот на грижата за децата и постарите членови на семејствата. Со отворање градинки, жените ќе добијат повеќе време за личен развој и можност активно да се вклучат во земјоделството или на пазарот на трудот. Дополнително, старечките домови ќе обезбедат грижа и поддршка за постарите лица, што дополнително ќе ја растовари домашната динамика во овие средини – ни изјави првиот човек на ЗЕЛС.

За тоа дали и колку унгарскиот кредит ќе има ефект во руралните средини, Ѓорѓиевски смета ефектот ќе биде огромен врз целата држава.

– Со овој кредит ќе се подобрат инфраструктурните услови во многу општини, а особено во руралните подрачја. На пример, ќе се уредат улиците, ќе се изградат или обноват водоводните и канализациските системи, ќе се реновираат и отворат нови училишта и градинки… Овие инфраструктурни подобрувања ќе придонесат кон намалување на разликата помеѓу урбаните и руралните средини. Кога ќе се создадат услови за живот достојни за 21 век, жените ќе имаат повеќе време за себе, можност за вклучување на пазарот на трудот и поголема улога во земјоделскиот сектор. На пример, отворањето градинки ќе им овозможи на жените поголема флексибилност за економски активности, што ќе има директен позитивен ефект врз локалната економија. Реновирањето на локалните училишта ќе овозможи младите да останат во руралните средини, наместо да мигрираат во градовите. Очекуваме овие проекти да го направат животот во руралните средини поатрактивен, што директно ќе придонесе кон развој на земјоделството и економската активност во овие региони – објаснува Ѓорѓиевски.

Тој додава дека ЗЕЛС постојано работи на идентификација и застапување на потребите на руралните општини.

– Еден значаен успех е обезбедувањето на 3 милиони денари од ДДВ за секоја општина, независно од нејзината големина или географска локација. Оваа мерка овозможи руралните општини да ги покријат основните оперативни трошоци, како што е исплатата на платите на вработените. Исто така, ЗЕЛС активно учествува во проекти за унапредување на родовата рамноправност. Во соработка со Советот на европски општини и региони (CEMR), формирани се комисии за еднакви можности помеѓу мажите и жените во општините. Ние помагаме во изработката на стратегии и конкретни акции за поддршка на жените, со цел тие да се чувствуваат рамноправни во локалната заедница. Со ваквите активности, како и со подобрување на инфраструктурата и услугите, создаваме услови за сите – вклучително и жените и младите – да останат и да се развиваат во руралните средини. ЗЕЛС останува посветено на поддршката на општините за креирање на стратегии и проекти кои ќе го унапредат квалитетот на живот во сите делови на државата – изјави Ѓорѓиевски.

Стимулација за земјоделците

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство тврдат дека се свесни за постоечките проблеми со работната сила во секторот, но како што посочуваат, имаат план како да ја подобрат состојбата.

Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

– Подобрувањето на конкурентноста и на одржливоста на приходот на земјоделските стопанства, влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите, како и обезбедувањето одржлив развој на руралните средини се генералните точки кон кои сме насочени – ни изјавија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Преку мерки и програми, посочуваат оттаму, како ќе се потрудиме да дадеме стимулација за земјоделците, особено на младите лица.

– Мерките на поддршка во форма на директни плаќања имаат позитивно влијание на дополнување и зголемување на приходите на земјоделските производители. Поддршката игра клучна улога во одржливоста на дејноста за најголем дел на македонските земјоделски стопанства, односно придонесува во зголемување на развојниот и инвестициски потенцијал кај оние со поголеми производни капацитети и подобро управување со бизнисите. Преку надополнување на приходите на земјоделците и одржување на земјоделското производство, директните плаќања влијаат и на обезбедувањето социјална стабилност на руралното население, особено она кое живее во подрачја со природни ограничености. Образовниот систем во земјоделството го сочинуваат средните земјоделски училишта и високообразовните институции. Високото образование од областа на земјоделските науки, шумарството, дрвната индустрија, ветеринарната медицина и прехранбените технологии се многу значајни преку своите студиски програми да ги мотивираат младите да се занимаваат со гранки кои порано беа многу почитувани и барани. Земјоделскиот факултет, заедно со Финки, минатата година отворија студиска програма „Дигитално земјоделство“ – објаснуваат од Министерството за земјоделство.

На прашањето дали постои стратегија за подобрување на инфраструктурата во руралните средини, како што се градинки и домови за стари лица, за да се овозможи поголема вклученост на жените во земјоделските активности, оттаму посочуваат дека инфраструктурата се уредува преку мерките за рурална инфраструктура.

– Кога се објавува оваа мерка самите општини си аплицираат со проекти со коишто сметаат дека се приоритетни за нивната општина. Министерството ги одобрува и тие подоцна се спроведуваат. Условите за живот и работа во руралните средини се клучни за задржување на руралното население во земјоделските региони и во таа насока ќе продолжат инвестициите во комуналната инфраструктура и уредувањето на населените места. Ќе ги забрзаме заглавените постапки кои треба да овозможат повеќе средства за овој тип на инвестиции кои се на располагање преку ИПАРД подолг период, но не се користат заради неакредитирање на мерката – појаснуваат од Министерството за земјоделство.

Еден куп пари за увоз на храна

Статистиката покажува дека во последните 10 години сме платиле над 7 и пол милијарди евра само на увозна храна.

Увозот драматично почнува да оди нагоре по пандемијата со коронавирусот.

Со овој текст, Плусинфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Share This Article