Речиси 80 отсто од 630.000 броилата за струја се прилагодени за користење на евтината дневна тарифа, информираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски на денешната прес конференција.
Тој очекува оваа недела да бидат прилагодени сите броила за кои Електродистрибуција ќе има пристап.
Претходно ЕВН појасни дека прилагодувањето на броилата за струја за користење евтина тарифа се реализира според редоследот како што претходно биле исклучувани, односно според редоследот на читање на струјомерите. Сепак, нивните вработени немаат пристап до дел од струјомерите за да ја завршат таа операција.
Пресметките на регулаторите се дека со користењето на евтината тарифа за струјата просечно семејствата ќе можат да заштедуваат по 1.000 денари месечно.
Евтината тарифа за струјата се воведе од 1 декември годинава.