Денеска изутрина во дел од котлините ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Преку денот ќе биде променливо облачно и релативно топло со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец.
Во текот на ноќта во западните и северните делови ќе има врнежи, кои во пониските места ќе бидат најпрвин од дожд, а потоа ќе преминуваат во снег. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег. Ветерот ќе го промени правецот во северен и долж Повардарието ќе засилува.
Според прогнозата на Управата за хидро-метеоролошки работи утринските температури ќе се движат во интервалот од 2 до 8, а максималните дневни од 9 до 14 Целзиусови степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд кои постепено ќе преминат во снег. Ветерот ќе го промени правецот во северен и ќе засилува.