Не им е лесно на младите, особено на девојчињата во Македонија

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Истражувањата на невладината организација ХЕРА покажуваат дека половина од девојчињата и третина од момчињата се соочуваат со психосоматски симптоми.

Претседателката на ХЕРА, Румена Гердовска-Којчевска, на денешната прес-конференција по панел дискусијата во Штип за менталното здравје на младите, истакна дека според истото истражување, бројот на малолетнички раѓања кај нас е речиси трипати поголем отколку во земјите на Европската Унија, а младите порано стапуваат во прв сексуален однос во споредба со нивните врсници од западноевропските земји.

-Дури 52 отсто од младите луѓе, пред сѐ младите девојчиња и 29 проценти од машките, се соочуваат со психосоматски симптоми и тоа секојдневно, на неделна основа, повеќекратно, што значи дека тоа е огромна млада популација којашто има многу сериозна потреба од едукација и запознавање со овие содржини. Истражувањата покажуваат и дека 50 отсто од учениците на 15-годишна возраст во паралелките со албански наставен јазик и околу 25 проценти од учениците во паралелките со македонски наставен јазик ги прифаќаат традиционалните родови стереотипи, како, на пример, дека мажот треба да биде авторитетот во куќата, а жената да биде само добра сопруга и домаќинка наместо да се посвети на напредување во кариерата – вели  Гердовска-Којчевски.

Психологот од скопската Гимназија „Никола Карев“, Гордана Блажевска-Спиридонова, рече дека младите, а особено на возраст од 15 до 18 години  се соочуваат и со различни видови насилства. Според неа важна е поддршката, со цел младите погласно да зборуваат за насилството кое се врши врз нив.

-Повторно да им се даде сериозна поддршка да имаат правилен пристап кон менталното здравје и потешкотиите со менталното здравје, правилно да го разбираат менталното здравје, да разберат дека повлекувањето во себе не е единствен одговор, туку барање начини да се одговори за своето здравје, така што активно ќе се побуниш, активно ќе се соочиш, ќе се негуваат други вредности, како што се сочувствителноста, емпатија, поддршка, препознавање на потребите кај врсниците отколку да биде само грижа, свртеност кон себе и неодговарање на потребите на останатите – рече  Блажевска-Спиридонова.

Во панел-дискусија на тема „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“ учествуваа претставници од Општина Штип, наставници, како и ученици.

Share This Article