Деновиве во политичките кулоари повторно се шири гласина дека луѓе од државниот врв наводно воделе разговор помеѓу себе за можноста претседателот Стево Пендаровски да помилува високи личности од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, при што прв на листата е поранешниот партиски лидер и премиер Никола Груевски.
Гласината не е нова. Таа прв пат се прошири кон крајот на март годинава, кога Алсат-М објави вест според која „ДУИ ниту потврдува ниту демантира дали преговара со поранешниот премиер Никола Груевски, за да ги обезбеди потребните гласови за уставните измени“.
Во таа вест се тврдеше дека „од партијата на Ахмети не зборуваат ниту за условите под кои Груевски би обезбедил пратеници“. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, за Алсат-М ја отфрлиле таквата можност, наведувајќи дека никој не може да влијае на пратениците. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски тогаш изјавил дека нема информации дали Груевски имал контакт со некој од пратениците од неговата партија.
Ден по објавата на оваа вест, ДУИ се огласи со прилично остра реакција, во која се вели: „Ниту еден функционер на Демократската унија за интеграција немал никаков контакт, ниту сега, ниту во минатото, од неговото бегство, за ниту едно прашање, со поранешниот премиер Груевски, па затоа длабоко жалиме за ваквите тенденциозни шпекулации и неточни информации објавени во јавноста. Цениме дека уставните измени се од особено значење за државата и граѓаните затоа ги повикуваме медиумите, граѓанскиот сектор, академската заедница, придонесувачите во јавното мислење да ја третираат оваа тема со најголема сериозност бидејќи таа ја дефинира нашата заедничка иднина“.
Гласината замре еден месец, но потоа се обнови. Наводно, кон крајот на април, за време на прославите на деновите на НАТО, на една средба „од нога“ меѓу луѓе од државниот врв, на претседателот Стево Пендаровски му било предложено да размисли за можноста Никола Груевски и некои други лица да бидат „амнестирани“, што би „помогнало“ во обезбедувањето на потребните гласови од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за изгласување на уставните измени.
Нашите извори, кои го прераскажуваат настанот од втора рака, велат дека Пендаровски енергично ја одбил таквата можност.
Со оглед на фактот дека аболицијата во принцип е поврзана со молба на осуденикот или на лицето кое е предмет на кривичен прогон, Плусинфо се обиде дилемите околу оваа гласина да ги расчисти директно со поранешниот премиер Никола Груевски.
Без големи очекувања, се обративме до него со кус допис, во кој му соопштивме дека постои гласина дека врз претседателот Пендаровски се врши притисок тој да биде помилуван и дека целта би била тој (Груевски) да го ослабне отпорот во ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот. Од поранешниот премиер побаравме став или мислење за оваа шпекулација.
Груевски релативно брзо одговори на нашето прашање. Ова е неговиот кус и прецизен одговор:
„Немам информации за некакви притисоци било кому, ниту од некого сум барал такво нешто.
Не се подготвувам за враќање во Македонија, од причина што политичкиот прогон на власта сѐ уште трае со ист интензитет како пред околу шест години.
Никој не барал од мене да ослабнам нечии позиции за било кое прашање, ниту би прифатил некој да води таков тип на дискусија со мене“.