Оскаровката Натали Портман откри дека никогаш не сонувала да има професионален фудбалски клуб, додавајќи дека фудбалот е совршено место за борба за родова еднаквост.
Познатата и наградувана 42-годишна актерка, продуцентка и режисерка е ко-основач на фудбалскиот тим Ангел Сити кој се натпреварува во Националната женска фудбалска лига (NWSL).
Таа ја собра сопственичката група Ангел Сити, која вклучува некои од најдобрите светски спортисти и холивудски ѕвезди. Меѓу косопствениците се познатата тенисерка Серена Вилијамс, актерките Џесика Честејн, Џенифер Гарнер и Ева Лонгорија, претприемачката Кара Нортман, поранешните американски фудбалерки Џули Фуди, Миа Хам…
Тимот заврши на осмото место во својата прва сезона во 2022 година, но во просек имаше 19.105 гледачи, што е највисоко во NWSL.
„Ова е дефинитивно необичен, неочекуван пресврт на настаните во мојот живот, мојата љубов кон фудбалот“, изјави Портман, која е во Австралија на Светското првенство за жени.
Таа рече дека никогаш не сонувала да има професионален спортски тим, но тоа се променило кога забележала како еден од нејзините синови гледа на фудбалерките со истото „восхитување и обожавање“ како и машките фудбалери.
„Тоа е промена на културата, ако нашите момчиња така гледаат на жените, сè се менува. Тоа е она што навистина ме возбуди. А играчите беа такви икони и хероини“, додаде таа.
Таа нагласи дека „театарот“ на фудбалот е совршено место за борба за родова еднаквост.
„Што можеме да направиме за родовата еднаквост освен да ја имаме оваа неверојатно голема група влијателни жени заедно, кои создаваат спектакл со овие неверојатни играчи на чело“, рече таа на крајот.
Натали Портман глумеше во голем број блокбастери и независни филмови, добивајќи повеќе признанија, вклучувајќи Оскар и два Златни глобуси. Во 2010 година го освои Оскар за најдобра актерка за улогата во филмот „Црниот лебед“.