Вработени во „Комунална хигиена“ претепале колега кој чистел отпад низ Скопје. Ова се случило доцна синоќа, откако камионите на претпријатието излегоа од дирекцијата. Од МВР најавуваат дека ќе има кривична пријава за кривично дело насилство, за сите кои учествувале во претепувањето. Со помош на снимки од надзорни камери и изјави на очевидци се утврдува кој учествувал во настанот, информираат од МВР.
„На подрачјето на Гази Баба полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Ц.(28) од Скопје, вработен во ЈП Комунална хигиена Скопје, поради тоа што на 09.07.2023 околу 23.30 часот во трговски центар на подрачјето на Гази Баба, заедно со Д.Д. и уште неколку лица, физички го нападнале Д.С.(37) од Скопје, додека ги извршувал своите работни задачи како вработен во истото претпријатие“, велат од МВР.
Неофицијално, причината за претепувањето на вработениот од „Комунална хигиена“ е бидејќи не го поддржи протестот и излегол на терен да работи. МВР работи на расчистување на случајот.