Да се биде дел од ЕУ не е само престиж, тоа е постојана поддршка, пред сè, финансиска и материјална. Членството во Унијата нуди низа придобивки за целиот земјоделски сектор, најпрво со тоа што им овозможува на земјоделците пристап до интегриран пазар од 500 милиони потрошувачи, а македонскиот домат, пиперка, македонското вино и сите останати производи без пречки ќе се движат кон супермаркетите во земјите-членки на Европската Унија.
Зголемените можности за финансирање и инвестиции им даваат шанси на земјоделците да ја модернизираат својата работа, да набават напредна опрема и да ја зголемат севкупната продуктивност, a преку усогласувањето со стандардите за квалитет на ЕУ, ја подобруваат и конкурентноста на македонските производи.
ИПАРД е успешната домашна приказна и ја постави Македонија на лидерското место по искористеноста на средствата од оваа програма. Преточено во конкретни бројки тоа значи 100% реализација на ИПАРД 2 програмата, односно вкупно 60 милиони евра неповратни средства слеани од ЕУ директно во македонското земјоделство.
Успехот во реализацијата на ИПАРД 2 ги отвори вратите за уште повеќе средства во ИПАРД 3 програмата. Признавајќи го успехот на ИПАРД 2 програмата, Европската комисија ја зголеми за 62 проценти програмата, односно сега во ИПАРД 3 програмата земјоделците и агробизнисите на располагање имаат 97 милиони евра неповратни европски средства наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство.
ЕУ ги штити и финансиски ја поддржува работата на земјоделците!
Со влезот во ЕУ, македонските земјоделци можат да очекуваат зголемено финансирање за модернизација на опремата, усвојување на напредни технологии и оптимизирање на земјоделските практики. Сето ова е резултат и на заедничката земјоделска политика на Унијата која е основен столб за поддршка на земјоделците. Преку неа се обезбедува стабилен приход за земјоделците, се поддржува руралниот развој и се промовираат одржливи земјоделски практики.
Со интеграцијата во ЕУ, напорната работа на земјоделците ќе биде наградена, а можностите за раст и повеќе приходи неограничени. Тоа ќе значи пласман на јаболката, пиперките или македонското сирење не само локално, туку и на трпезите низ Европа.
ЕУ нуди субвенции и грантови за земјоделците!
Дополнително, ЕУ нуди различни субвенции и грантови, приспособени да ги поттикнат специфичните аспекти на земјоделството. Од промовирање на органско земјоделство до поддршка за еколошки практики, македонските земјоделци можат да ги искористат овие финансиски стимулации за да го подобрат своето работење и да ја зголемат севкупната ефикасност. Да се биде дел од ЕУ, значи и да се има пристап до програми за намалување на ризикот за да се заштитат земјоделците од непредвидени предизвици како што се флуктуации на пазарот или неповолни временски услови.
Овие програми нудат еден вид безбедносна мрежа, обезбедувајќи стабилност на македонското земјоделство и заштита на земјоделците од финансиски несигурности. Македонските земјоделци можат да користат и заеми со ниска камата, олеснети преку механизмите на ЕУ. Овие заеми обезбедуваат ефективни средства за земјоделците да инвестираат во инфраструктура, технологија и одржливи практики, поттикнувајќи ја долгорочната одржливост и развој на земјоделството.
ЕУ помага во развојот на руралните области!
Членството во ЕУ придонесува и за севкупниот развој на руралните области. Подобрената инфраструктура, образовните капацитети и здравствените услуги во руралните заедници создаваат средина погодна за одржливо земјоделство и подобрен квалитет на живот, средина што ги привлекува младите да останат дома и лично да придонесат за овој развој.
Со влезот во Унијата, покрај економската, се навестува и нова ера на раст и одржливост за македонското земјоделство. Со финансиската поддршка од ЕУ, македонските земјоделци покрај пристапот кон европскиот пазар, имаат и можност за дополнителен раст и развој, кој пак придонесува кон севкупниот просперитет на земјата.
Во крајна линија, покрај развојот на земјоделството, со инвестирањето во домашното производство и употребата на најдобрите европски иновативно-технолошки практики се подобрува заштитата на почвата, се рационализира употребата на водата и се намалуваат штетните емисии. Овие фактори на долг рок имаат и позитивно влијание врз животната средина и квалитетот на животот на сите.