„Граѓаните, политичките партии, изминатите повеќе од три децении многупати покажаа волја, но прашањето е дали во Брисел има волја да се реши овој проблем. Затоа што ако во Брисел има волја, тогаш има и начин. Евроинтегративниот процес е двонасочна улица”.
Ова го рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија „Алсат М”.
Претседателот Мицкоски рече дека треба да знае што планира Европската Унија со државата, додавајќи дека патот дотаму изобилува со вештачки предизвици со кои се начнуваше македонскиот идентитет во минатото.
– Треба да знаеме што е тоа што тие го планираат со Македонија. Ние имаме целосно изедначена надворешна политика со Европската Унија, безбедносна политика, континуирано ги следиме процесите кои што ги води ЕУ. Но, за жал изминатите две и пол децении, откако официјално почна овој наш пат кон полноправно членство во Европската Унија, изобилуваат со многу предизвици. А тие предизвици се вештачки и секогаш тие предизвици се однесуваат, удираат и задираат на македонскиот идентитет, сите тие, без исклучок. И многупати македонскиот идентитет во минатото е начнат и се правени отстапки на сметка на македонскиот идентитет. Потребно да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес. И во таа насока јас апелирам да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес – порача претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Тој, говорејќи за десетте постулати со кои повика на заедништво и сплотеност, истакна дека мнозинството од граѓаните сакаат подобар живот, повисоки плати и ред, а не етнички теми и тензии со кои СДСМ и ДУИ прават дефокус обидувајќи се да го заштитат криминалот.
– Десетте точки се резултат на истражувањата што ние ги правиме секој месец најмалку двапати и тоа е резултат на она што се очекувања на граѓаните од власта. Тука се опфатени и Македонци, и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Овие 10 постулати се резултат на тие истражувања, огромно мнозинство има потреба од позитивен исход по тие 10 столбови во таа платформа. За жал, дел од политичките партии веднаш одбија, според мене неодговорно и незрело, а дел претпоставувам ќе се произнесат во периодот кој следува – потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека најголемиот дел од граѓаните, две третини, не сакаат етнички конфликти и етничка тензија, туку сакаат подобар живот, повеќе пари, повисоки плати, повисок стандард и ред, а тоа е дел од овие 10 столбови.
– Има политичари и политички структури кои, во отсуство на ваква понуда или немање желба да се признае што направи оваа влада во изминативе два месеци, се обидуваат да направат дефокус со етнички теми, мислејќи дека на тој начин ќе мобилизираат поголема маса за да може да го заштитат криминално стекнатиот имот – посочи премиерот.
Тој порача дека треба да се работи за подобар стандард, за повисоки плати и пензии, за владеење на правото и да има ред и поредок за сите бидејќи тоа е она кое го очекува огромно мнозинство
– Јас морам да ја застапувам волјата на мнозинството и тоа е демократијата и во мнозинството има од сите етнички заедници и тие го кажуваат тоа што е содржано во тие 10 постулати – изјави Мицкоски.