Минатата година 1.644 лица − ученици од основното и средното образование, студенти, деца од предучилишна возраст, ученици со посебни потреби, професори, наставници, како и пензионирани лица беа опфатени со процесот на финансиска едукација на Народна банка.
Како што соопшти банката, процесот на финансиска едукација на населението кој почна пред 11 години продолжува и годинава. Само во текот на Глобалната недела на парите се едуцирани 200 лица.
Досега преку овој процес на НБ поминале 22.000 лица.
Народната банка од 2013 година постојано придонесува кон јакнење на финансиската писменост во земјава. Во овој период се изработени голем број едукативни материјали и се одржани 528 поединечни предавања за основното и средното образование, како и 44 поединечни предавања на факултетите, за околу 22.000 лица.
Организирани се и голем број настани и јавни настапи за зголемување на свеста за значењето на финансиската писменост на населението за подобар економски напредок. Финансиската писменост во 2022 година беше вклучена во стратегиските цели на Народната банка, а во 2021 беше донесена и првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. Деловните банки, како и граѓанскиот сектор, исто така, ги зголемуваат своите едукативни активности од година во година што е во прилог на донесената стратегија.
Лани во рамките на оваа активност на банката беа објавени две едукативни брошури: „Платежната сметка со основни функции” и „Безбедност при користењето дигитални финансиски производи и услуги”.