Народната банка ги зајакнува активностите за подобрување на животот на лицата со попреченост преку олеснување на пристапот до финансиски услуги. За таа цел централната банка изработи Насоки за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор, коишто опфаќаат поголемо олеснување на физичкиот пристап до локациите и инсталирање дигитални платформи, вклученост при осмислувањето на банкарските производи, како и подобра информираност на овие корисници на банкарски услуги.
Народната банка изработи и отпечати и Брошура наменета за лицата со оштетен вид.
– Иако банките ја препознаваат потребата да ги приспособат начините на користење на услугите од страна на лицата со попреченост, сепак анкетата спроведена од Народната банка од почетокот на 2024 година, утврди дека се потребни поголем број шалтери и банкомати приспособени за лицата со попреченост, како и рампи за пристап до банкарските објекти. Потребно е да се унапредува и правната рамка во оваа област, односно да се подготват интерни акти со кои ќе се обезбеди подобра пристапност до финансиските услуги за лицата со попреченост. Според доставените одговори на анкетата, банките многу ретко обезбедуваат рекламни материјали за лицата со попреченост, специфично кредитирање осмислено за оваа група граѓани, како и специјални програми за финансиска едукација на лицата со попреченост. Овие податоци покажуваат дека ова претставува област во која мораме да работиме заедно – изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на презентацијата на брошурата..
Од Централната банка и од банкарската асоцијација сметаат дека олеснувањето на пристапот на лицата со попреченост до финансиски услуги значително ќе се зголеми нивниот потенцијал за економска независност и социјална интеграција.
-Во рамките на МБА, спроведовме анкета за пристапноста до финансиските услуги за лицата со попреченост од која добивме увид во состојбата во секторот и оттука произлегоа препораките и насоките за делување коишто секоја од институциите индивидуално ќе ги спроведува. Покрај тоа, во МБА е формиран и Комитетот за едукација, којшто предвидува обуки за вработените за примена на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и зајакнување на нивните комуникациски вештини – изјави заменик-претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Бојан Стојаноски.
Според податоците од Светската здравствена организација, околу 15% од светската популација страдаат од одреден вид попреченост и овие луѓе често се борат со сиромаштија и невработеност. Оттаму, Народната банка во изминативе години презема активности за подобрување на пристапноста до финансиските услуги на лицата со попреченост, што како потреба е предвидено и во документите донесени од Народната банка, и тоа Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и Циркуларот за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги.