Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и сигурен, а стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет за справување со шокови во третиот квартал. Стапката на адекватност на капиталот се задржа на нивото од 19%, коешто е највисоко во последните 17 години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%, оцени Советот на Народна банка откако го разгледа Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2024 година.
Советот оценува дека во третиот квартал од годината банките работеа во услови на позначително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но ризиците од окружувањето сѐ уште постојат и е потребно нивно натамошно внимателно следење и претпазливост во водењето на политиките поради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во следниот период.
„Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи одржување на кредитниот раст, но и зголемување на ликвидните средства на банките. Притоа, забрза годишниот раст на депозитите искачувајќи се до нивото од 7,9%, во кој преовладува долгорочното штедење, како и денарските депозити, поттикнато и од мерките на Народната банка за поддршка на денаризацијата и штедењето на подолг рок. Се забележува забрзување на годишниот раст кај кредитирањето до 7,5%, додека резултатите од Анкетата за кредитната активност во третиот квартал од 2024 година укажуваат на натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови и нето-зголемување на кредитната побарувачка, и кај двата сектора − претпријатијата и домаќинствата“, оценува Народна банка.
Советот донесе нова Одлука за методологијата за идентификување системски значајни банки со која се унапредува постојната методологија врз основа на која Народната банкa ги идентификува системски значајните банки во земјава и за нив го утврдува заштитниот слој на капиталот.
„Ова претставува макропрудентен инструмент за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем преку јакнење на солвентноста и стабилноста на системски значајните банки на неочекувани шокови или загуби коишто можат да настанат во текот на нивното работење. Измените на одлуката за системски значајни банки се прави и заради натамошно приближување кон Насоките од Европскиот банкарски орган (ЕБА) за идентификување на домашните системски значајни банки3, соопштија од НБ.
Советот усвои и измени на регулативата за сметководство и финансиско известување за банките и штедилниците поради спроведување на барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување („МСФИ”) 16 „наеми” и усогласување со важечките МСФИ, објавени од Одборот за меѓународни сметководствени стандарди..