More

    „Напредни лозари“ бара да се стави ред во откупот и цените

    spot_img

    Регионалното здружение „Напредни лозари” бара да се спречат, како што велат,  лошите сценарија на откупувачите и преработувачите кон производителите на грозје, кои траат со години.

    – Сценаријата на нерешавање и недефинирање на откупната цена и откупните квоти на грозје до самата берба, за крајна цел имаа ставање на лозаропроизводителите пред свршен чин и монополски ценовни уцени од страна на сопствениците на преработувачките капацитети и другите откупувачи на грозје, винарии и трговци-откупувачи. Ваквите сценарија доведоа грозјето ценовно да биде обезвреднето под границите на било каква рентабилност или заработка, а со тоа и загрозување на егзистенцијата на лозарите – изјави претседателот Трајче Кулев, по состанокот одржан синоќа.

    Тој појаснува дека целта на состанокот била навреме, а не пред самата берба, да се прецизираат и дефинираат условите на производство и откуп на сите видови грозје за реколтата во 2022 година.

    – „Напредни Лозари“ им оставаат на министерот и надлежните од МЗШВ време од две недели, до 10 март, добро да ги разгледаат нашиве предлози кои им ги доставуваме и на заеднички состанок да се произнесат со јасен и недвосмислен став по тие предлози – дециден е Кулев.

    Тој се осврнува и на нивните предлози за решавање на повеќегодишната криза во лозарството.

    – Барање за утврдување на технолошката зрелост на секоја сорта грозје изразена во шеќерни единици, за да се избегнат можните манипулации од страна на откупувачите, што до сега беше пракса. Ова да се гарантира со закон – информира Кулев.

    Меѓу предлозите е и утврдување на реалната цената на чинење на производството на 1 килограм за секоја сорта грозје. Во неа да се пресмета порастот на производствените трошоци како што се цената на горивата, вештачките ѓубрива, препаратите за заштита на лозовите насади, наводнувањето, цената на работната рака, амортизацијата на земјоделските машини и други трошоци. За овие две точки да бидат вклучени експерти од МЗШВ, професори од земјоделскиот факултет и претставници на лозарите.

    Лозарите бараат утврдување на реалните откупни цени на килограм грозје за реколта 2022 година, посебно за секоја сорта грозје. Реалната откупна цена на килограм грозје да биде сочинета од производствената цена на килограм грозје по сорта грозје, согласно утврдената технолошка зрелост во шеќерни единици, зголемена за 50 отсто и дополнително зголемување на цените на откупот на грозје, согласно порастот на животните трошоци и падот на животниот стандард.

    – Вака формираните цени да бидат гарантирани со закон, но не подоцна од почетокот на јуни 2022 година – вели Кулев.

    Производителите на грозје се исто така за изработка на проект за планско производство на грозје по сорти, согласно потребите на пазарот и можностите на преработувачките и откупните капацитети, краткорочно за оваа година, среднорочно за наредните три години и долгорочно за наредните пет до десет години.

    „Прецизирање и дефинирање на формално-правно издржани и реални кооперантски договори за откуп на грозје во преработувачките и откупните капацитети со квантитативно-квалитативни клаузули во истите. Истите да ги гарантира МЗШВ (Владата), а во мониторингот задолжително да бидат вклучени претставници на РЗ „Напредни Лозари“ или од него овластени лица“, се вели во предлозите на Здружението.

    Субвенционирање на производството, како и изработка и донесување на закон за лозарство и грозје како посебен закон, а не во рамките на законот за вино, се исто така дел од предложените решенија за решавање на проблемите на лозарите.

    – Во писмо, РЗ „Напредни лозари“ ги известуваат министерот и МЗШВ дека отпочна кампања под логото „За подобра лозарска иднина“ и дека првата фаза на таа кампања завршува на 31 мај. Ние очекуваме до овој датум, доставените предлози да бидат имплементирани. Во зависност од постигнатиот степен на решавање на предлозите, веќе на почетокот на месец јуни, УО на РЗ „Напредни Лозари“ ќе ги донесе понатамошните одлуки за наредните активности, во насока на остварување на лозарските интереси, со што започнува втората фаза на кампањата – појаснува Кулев.

    Тој е категоричен дека „Напредни Лозари“ е непартиска, неполитичка и невладина организација со единствена цел, заштита на интересот на лозаропроизводителите.

    – Ќе ги искористиме сите демократски дозволени средства во насока на заштита на интересите на лозарите. Порачуваме дека сме спремни за преговори и со поголемите лозаропреработувачки капацитети кои ги креираат цените. Напоменуваме дека дека оваа година нема да се чека септември и гроздоберот за да се бара решавање на проблемите – додаде Кулев.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img