Официјални лица назначени од Русија и руски воени блогери тврдат дека украинските сили почнале голема офанзива во регионот Запорожје, јужно од Орихово.
„Фронт во Запорожје – почна вториот бран на контраофанзивата на украинските вооружени сили. Непријателот ангажираше максимални сили во пробивање на нашата одбрана во правец на Орихово. Рано утринава, по масовната артилериска подготовка и воздушни напади, Украинците извршија напад на нашите позиции кај Работин “, напиша денеска на Телеграм, Владимир Рогов, член на воено-цивилната администрација на Запорожје.
Си-ен-ен го цитира гувернерот на окупраната украинска област Запорожје, Евгениј Балицки, кој, исто така, соопшти дека е во тек украински напад.
Рускиот воен блогер „Рибар“ слично ја опишува ситуацијата долж јужниот фронт.
„По подготвителната фаза со артилериски напади, украинските јуришни одреди нападнаа и се обидоа да се пробијат североисточно од Работин. Тие извршија напад со десетици тенкови и оклопни возила. Непријателот успеа да навлезе во три области. Сега има жестоки битки“, напиша блогерот.
Украина сè уште не ги коментираше овие наводи за втор бран од контраофанзивата на окупираните територии.
Од другата страна, британските воени разузнавачи тврдат дека Руската црноморската флота се подготвува да ги блокира украинските пристаништа откако Москва се повлече од меѓународниот договор за житото.
Модерната руска корвета „Сергеј Котов“ веќе патролира на рутата меѓу Босфорот и украинскиот пристанишен град Одеса, соопшти британското Министерство за одбрана во дневниот разузнавачки извештај за војната во Украина.
„Постои реална можност тие да бидат дел од група за пресретнување на комерцијални бродови за кои Русија верува дека пловат кон Украина“, се вели во извештајот.