Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека континуираните напади на Одеса се одмазда за украинскиот напад на мостот на Крим и дека на мета се само воени објекти.
Украинските власти, пак, наведуваат дека во нападите била уништена цивилната инфраструктура поврзана со извозот на жито. Животот го загуби чуварот кој работеше во зградата на цивилната управа, кој беше погоден за време на нападот.
-Додека ги напаѓаа пристаништата од кои се извезува жито, терористите ја погодија и цивилната инфраструктура. Тие ја уништија административната зграда во центарот на Одеса, а ударниот бран оштети неколку други згради, вклучително и станбени, изјави Олех Кипер, шеф на регионалната воена управа на Одеса.
Руското Министерство за одбрана, исто така, соопшти дека уништило инфраструктурни објекти за гориво и складишта за муниција на украинската војска во близина на градот Миколаев.