Руските сили во текот на ноќта го гаѓаа стратешкиот мост над вливот Билгород-Днестар во јужниот дел на украинската област Одеса, лансирајќи две балистички ракети Искандер и осум наведувани ракети, соопшти денеска армијата на Киев.
Засега не е познато дали овој мост, кој е важна железничка и автомобилска врска во регионот, е оштетен, пренесува Ројтерс.
Регионалните власти објавија голем ракетен напад во регионот во средата вечерта, без да дадат детали за последиците.
Руските сили употребија и две балистички проектили за да го нападнат источниот град Краматорск, соопшти украинската војска.
Украинските воздухопловни сили објавија дека 17 од 43-те беспилотни летала и две наведувани ракети лансирани од Русија биле соборени во текот на ноќта.
Се додава дека украинските сили не можеле да лоцираат 23 беспилотни летала, веројатно поради електронска војна, и дека три беспилотни летала го напуштиле воздушниот простор под контрола на Украина.
Според соопштението на украинската армија, во текот на ноќта биле активирани системи за противвоздушна одбрана во девет украински региони и главниот град Киев.
Воената администрација на Киев објави дека противвоздушната одбрана ги оневозможила сите беспилотни летала кои потенцијално му се заканувале на главниот град.
Остатоците од беспилотните летала предизвикале пожар на отворен простор, оштетиле далновод и прозорци на две станбени згради и една административна зграда, според прелиминарните информации на киевските власти.