More

    Наместо да се жалат, газдите да ги одврзат ќесињата

    spot_img

    Се продлабочува трендот на хроничен недостиг на работници во преработувачката индустрија, но и во земјоделството, градежништвото  и во трговијата. Голем број компании не можат да ги пополнат отворените работни позиции со месеци бидејќи работниците, главно млади, не сакаат да аплицираат за работа и побрзо се определуваат за повисоки заработки во странство и покрај неизвесноста што ги очекува поради кризата.

    Моментално во Агенцијата за вработување се огласени 8.468 испразнети работни позиции, а голем број огласи има и во приватните агенции за посредување при вработување. Бројката на слободни работни места со месеци не е симната под 6.000. Агенцијата исто така бележи пад на бројот на баратели на работа, истовремено и кај активните и пасивните невработени.

    Никој не може со сигурност да каже каде завршуваат младите по школувањето, било да е средно или високо. На крајот на мај, според податоците на  Агенцијата за вработување, регистрирани се 120.174 активни баратели на работа, што е за околу 2.300 помалку отколку во април. Споредено со мај лани, бројот на невработени кои активно бараат работа се стопил за повеќе од 23 .000. Кај пасивните баратели на работа бројот е помал за 800 лица.

    Меѓу занимањата кои моментално најмногу се бараат најмногу според податоците на  Агенцијата за вработување, се и  хигиеничарите. По нив следат општите работници, продавачите, келнерите, возачите на камиони, шанкерите, готвачите… Се бараат и програмери и градежни и машински инженери.

    Бизнисмени се жалат дека со месеци не можат да најдат работници, а дел од работните позиции остануваат отворени.

    – Барам работници за работа во хотел, но многу е тешко да се обезбедат, бидејќи скоро никој не се јавува. Имаме отворен оглас со месеци за одделни позиции, но навистина никој не се јавува. Но, затоа пак, како што следам огласите на странските хотелиери, многу брзо се пополнуваат нивните равботни места, иако тамошните работодавачи не им даваат сигурност дека ќе го исполнат ветеното – вели раководител на хотел.

    Во агенциите кои посредуваат при сезонско вработување во странство велат дека и кај нив, поради последната криза и променетите услови за примање работници во странство, огласите не се пополнуваат брзо.

    – Ако до пред две години на секој оглас имавме една недела за доволно апликации, сега се потребни најмалку две недели. На ова влијаат високата инфлација, непроменетите плати кај побарувачите на работници во странство и зголемените режиски трошоци на работниците. Па, секој што сака да аплицира прво ќе размисли дали му се исплати да плаќа високи режиски трошоци, а да добие иста плата како порано, за одреден период колку што ќе работи во странство. Во Германија, на пример, сега веќе се бара работникот самиот да изнајми стан, а таму кириите се мошне високи, па заработката може да отиде за кирија и за други режиски трошоци. Значи, на работниците им е потребен подолг период да размислат дали им е добра опција одењето на сезонска работа во странство, но бројките не се мали – вели Милан Џинглев од агенцијата Приорити солуции за вработување, која посредува при сезонски вработувања во странство.

    Тој вели дека има доволен број невработени во земјава за да се пополнат испразнетите места и да се задоволат потребите на бизнисите, но сугерира домашните работодавачи да се преиспитаат во однос на вложувањето во работниците, пред да се жалат дека невработените не сакаат да аплицираат за позициите што ги нудат.

    – Кај нас аплицираат само студенти и работници без ангажман, значи има невработени во земјава кои можат да се јават на отворените огласи. А зошто не се јавуваат и тоа е веќе познати. За нив позициите се непрофитабилни и демотивирачки. Сепак, мислам декае дојдено време кога не треба  само да имаш желба да отвориш бизнис, туку треба да се размислува поинаку за работниците и плаќањето на нивниот ангажман. Тоа го знаат сите бизнисмени, но најчесто кратат на вложувањата за работниците – вели Џинлев.

    Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека со години во преработувачката индустрија, земјоделието, градежништвото и во угостителската дејност има недостиг од стручен кадар, а од неодамна и трговијата се соочува со истиот проблем. Причините, според него, се во тоа што младите не сакаат да работат за она што не се образувале и најчесто се надеваат дека работата во странство ќе им биде подобар избор.

    – Во текстилот веќе нема млади луѓе, а се помалку ги има и во другите сектори, па дури и во трговијата. И тие што учат нешто од овие струки, не сакаат да работат во оваа индустрија, бидејќи е трудоинтензивна и малку платена. Нивните планови најчесто се одење во странство, но таму, за разлика од кај нас, не бараат работа според образованието, туку работат сè што ќе им се понуди. Па така, имате возач во Германија со високо образование, а овде таков човек никогаш не прифаќа да биде работник. И тоа тешко ќе се промени – вели Димитров.

    Според него, земјава е зафатена со трендот на иселување на младите за подобар живот, кој веќе е познат во сите земји кои биле аспиранти или се вклучиле во ЕУ.

    – Таков беше трендот на сите земји. Еве, сега Романија и Бугарија се празнат, но во земјите кои ја развија високотехнолошката индустрија. Полска и Чешка веќе бележат запирање на иселувањето кај младите. Иста состојба ќе нè следи и нас. Значи, треба да се затвори трудоинтензивна индустрија и да се отворат висококвалификувани работни позиции во понапредната индустрија. Но,  додека трае тој процес, ќе ни се иселат младите – додава тој.

    Решение на проблемот Димитров гледа во реформа на образовниот процес, кој сега издава фиктивни дипломи, кои во практиката не значат ништо.

    – Потребно е да се изгради соодветен однос кон претприемништвото, кое нуди вложувања и отворање работни места. И тоа треба да се прави од најраните возрасти на децата во училиште и да се надмине состојбата во која сме сега кога се бараат ученици за да им се удоволи на големиот број професори, да можат да останат на работа. Затоа имаме паралелки со 10 ученици, а 15 професори кои им предаваат и слично. На факултетите се даваат фиктивни дипломи кои не значат ништо во процесот на работа. Сето тоа не оди на добро во земјата – вели Димитров.

    Ниските плати, според синдикатите, се повод дел од работниците да напуштат работни места и да одат во странство. Само од јавниот сектор во последните години, според синдикатот на УПОЗ, 5.000 административци ги напуштиле работните места, а дел од нив заминале во странство. Трендот е актуелен и во угостителството и во трговијата, но и во земјоделството.

    И опозициските партии велат дека младите се иселуваат од земјава за да најдат поплатени работни места. Дел од нив наведуваат и дека егзодусот на младите се гледа и во издадените работни и други визи на земјите кои најмногу бараат работници од Балканот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img