Демократскиот сојуз излезе со реакција во која се посочува дека ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД е сериозна опомена против политичката мафија која владее со Македонија и против која никој не се осмелува да започне системска „војна“ сѐ до нејзино искоренување.
„Водачите на овој октопод, кој го разорува целокупниот систем, ја уништуваат државата и надежта на младите е етаблирана во партиите, Владата, судовите, обвинителствата и институциите задолжени за откривање и сузбивање на криминалот и високата корупција. Државата ни е во колапс, партизацијата и неподготвеноста да се изградат независни институции надвор од партиските влијанија и центрите на моќ, го суспендира владењето на правото и законитоста“ – стои во партиската реакција.
Од партијата на Павле Трајанов посочуваат дека на државата и е потребен “генерален ремонт“ и укажуваат дека е итно потребно да се донесе Законот за борба против организиран криминал и висока корупција.
„Потребен ни е генерален ремонт на државата, но тој процес ќе потрае сѐ до следните парламентарни и претседателски избори и донесување на нов Устав на Македонија. Инаку, Уставот го гуши демократскиот развој и одговорноста, како предуслови за државата да се движи напред. Во меѓувреме, повикуваме најитно Парламентот да го донесе Законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со што ќе започне жестока борба и справување со криминалот што го прават функционерите.Инаку овој закон пред неколку дена во првата фаза го поддржаа пратениците од сите партии“ – истакнуваат од Демократскиот сојуз.
Партијата упатува и критика за инертноста на власта.
„Наместо министрите да се чудат за тоа како Мерко се нашол на црната листа, да погледнат околу себе и да видат дека се бетер од Мерко и да се повлечат од функциите, а не еуфорично да ги повикуваат институциите да делуваат, кои во суштина се блокирани од самите нив“ .